„Јас повеќе би се залагал за пристап во кој би задржале реципроцитет, конечно доколку имаме и интерес да го воведеме во делот на согледување на учебници или образовни програми, да се направи рамномерно од инволвираните страни и за сите да важат истите правила. Ако е базирано на аргументи нема зошто да не чекориме напред“, рече Никола Поповски Поранешен – министер за надворешни работи
Поранешниот амбасадор на Македонија во Грција пак Љупчо Арсовски вели дека токму таа идеја е негова уште од 90 тие години и дека и до сега требала да се реализира.
„Ова е една моја иницијатива дадена уште во 1996 година на министерот за образование на Грција која подоцна беше прифатена и беа разменети учебници, но на ниво на сите балкански земји не само меѓу двете земји, бидејќи сепак ние живееме во заеднички регион. Бидејќи ги знам учебниците на грчки уште кога бев конзул 1979/84 во Солун видов дека учебниците се на еден искривен начин“, рече Љупчо Арсовски – Поранешен амбасадор на Македонија во Грција.
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска пак од аспект и на поранешен вицепремиер за европски прашања објаснува дека земјата мора да гледа напред а не само назад да се врти кон историјата. По однос на ова прашање објаснува дека некои работи зависат и од Македонија, а не само од соседните земји и меѓународниот фактор.
„Мислам дека не само Македонија туку и целиот Балкан има потреба од втора шанса. За да ја добиеме таа втора шанса и да бидеме сметани како сериозни европски држави мора да го промениме начинот на нашето однесување“, рече Радмила Шеќеринска – Министер за одбрана и поранешен вицепремиер за европски прашања
И покрај изјавата на Коѕиас за формирањето на ваква комисија за подобрување на добрососедските односи, сепак во грчкиот парламент денеска и власта и опозицијата ги потврдија своите позиции од неопходноста најпрвин да се реши проблемот со името пред да почнат евроинтегративните и евроатланските процеси на земјава. Вчера пак по изјавата на Коѕиас се огласи и македонското министерство за надворешни работи . Официјалниот став беше дека треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот и дека во Њујорк на средбите меѓу двете страни станало збор за потребата од средби на експертско ниво но не се разговарало за формирање на посебна комисија./24Вести