Преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино за проблемите во медиумите денеска нема да продолжат, откако ВМРО-ДПМНЕ вчера ја напушти средбата во Клубот на пратениците во Скопје, дознава „Мета“.
Според нашите информации, од канцеларијата на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте до партиите било доставено соопштение дека преговори денеска ќе нема. Засега нема ниту информации кога тие би продолжиле. Од двете македонски партии што учествуваат во преговорите, велат дека тие се подготвени да ги продолжат преговорите, но си ја префрлаат топката за тоа кој прв треба да попушти.
Детали од предлогот на преговарачот Ванхауте за медиумската сфера,е за ова партиите не можат да се договорат
Од СДСМ неофицијално велат дека не знаат што ќе се случува понатаму и кога ќе продолжат преговорите. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така неофицијално, нè информираа дека тие се за да продолжат преговорите, ама никако не се за тоа на работната маса да се разговара за „фашистичкиот закон што го предлага СДСМ“.
Инаку, вчера ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите со образложение дека „нема да дозволи СДСМ да ја узурпира и да ја укинува слободата на медиумите и да дејствува спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и за слобода на информирање“.
Од СДСМ тврдат дека со оваа постапка ВМРО-ДПМНЕ продолжува со стратегијата на одолговлекување и на непочитување на обврските преземени со Договорот од Пржино.
„Регулирањето на медиумите е еден од клучните критериуми без кои се невозможни фер, демократски и регуларни избори. Со ваквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ го доведува во прашање Договорот од Пржино“, реагираат од СДСМ.
Преговорите дополнително ги отежна и конфронтацијата на двете партии по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој на вчерашната прес-конференција рече:
„Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас, како опозиција, се медиумите како што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа ТВ“, „Дневник“ и МРТ. Вие сте медиуми коишто, меѓу другото, се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта“.
Веднаш реагираа медуимите што беа прозвани, како и ВМРО-ДПМНЕ. Уредниците на „Канал 5“, „Сител“ и на „Алфа“, како и на дневниот весник „Дневник“, со писмено обраќање побараа ВМРО-ДПМНЕ да ги напушти преговорите за медиумите.