Романот „Холандска девица“ со превод на македонски

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје  го најави објавувањето на романот „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор. Романот едобитник на Наградата за литература на Европската Унија (2014) и на АКО (2011), најважната книжевна награда во Холандија. Преводот на македонски е на Ели Пујовска.

 images (27)

Доаѓа лето и 18-годишната Јана треба да тргне сама на енигматично патување во Германија. Татко ѝ ја испраќа кај Егон фон Бетихер, кој треба да ја научи да мечува. Егон е мистериозна личност, но и магнетичен шармер. И Јана едноставно не може да одолее. Но оваа прекрасна книга не е само книга за љубовта и за губењето на невиноста.

 

Лошо е што сме во 1936 година. Пред Јана се отвора светoт на возрасните, полн со прашања и со спротивности. Во нејзините очи се судираат стариот хероизам на аристократската класа и варварството што надоаѓа со ширењето на нацизмот. На раб од големиот историски пресврт на Втората светска војна, Јана ќе доживее индивидуална промена по која нема враќање. Дали ова патување е во еден правец?

 

Според оцените на критиката, со Маренте де Мор, холандската книжевност доби мошне оригинален писател, со неисцрпна имагинација. Опасната атмосфера, моралните дилеми и жестоката страст се евоцирани во нејзините прекрасно извајани фрази.

 

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

 

Маренте де Мор (1972) е холандска писателка. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика. Има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Романот Холандска девица е преведен на 10 јазици.

 

Ели Пујовска (родена 1971) е професионална преведувачка. Преведува од холандски и од фламански, како и од англиски јазик. Работела како проектен асистент и како менаџер на повеќе проекти. Има преведено повеќе од 20 книги за повеќе издавачки куќи. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината.

Слични содржини