Македонскиот вице-првак Вардар заврши како четврто пласиран во регионалната ракометна СЕХА лига.

 stoilov
Вардарци попладнево во мечот за 3.место, на завршниот турнир што се одржува во унгарскиот град Веспрем, загубија од хрватскиот првак ППД Загреб со 26:23 полувреме 10:11.
Иако до десет минути пред крајот на мечот резултатот беше израмнет, а црвено-црните во 51.минута имаа и гол предност, сепак, серијата од 4:0 за загрепчани се покажа како клучна за конечниот епилог на мечот.
Сандро Обрановиќ и Илија Брозовиќ со по 5 постигнати голови беа најефикасни во редовите на хрватската екипа, а 5 голови за Вардар постигна македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов.
Така, Вардар по трите настапи во финалните мечеви, како и двете освоени титули, четвртата сезона во СЕХА лигата ја заврши како четврто пласиран, зад ППД Загреб.
Кој од Вардар ќе го наследни шампионскиот трофеј ќе дознаеме по финалниот натпревар во кој ќе играат домаќинот Веспрем и белоруската екипа Мешков Брест.
За македонскиот вицепрвак Вардар сега претстои нов, поголем предизвик, и тоа во двомечот со полската екипа Килце во четвртфиналето од Лигата на шампионите./MIA

Слични содржини