ЕУ аспирациите се живи и сите преземени чекори се знак дека тие се одржуваат во живот, рече еврокомесарот за проширување и доборососедска политика Јоханес Хан, на денешната прес-конференција што се одржа по пленарната седница за претпристапни преговори (ХЛАД).

Еврокомесарот Хан, им честиташе на политичките партии за потпишување на договорот и преземањето на обврските кои произлегуваат од него, враќањето на опозицијата во парламентот и изборот на специјален јавен обвинител до договорениот датум.

Хан сепак истакна дека, останува да се спроведат договорените точки и за изборниот законик кои треба да бидат изгласани до 6 октомври.

– Имав можност да се сретнам со лидерите на политичките партии и да разговараме за реформите. Сите лидери рекоа дека изборите треба да се одржат до крајот на април и дека мора да се спроведат според ЕУ стандардите – рече Хан, изразувајќи надеж дека новиот договор за изборниот законик ќе биде донесен порано, а не во последен момент.

Во однос на можноста за започнување на преговорите, без притоа да биде решен спорот со името, Хан рече дека сепак треба да се оди постепено.

– Прагматичен сум, мора да одиме чекор по чекор, кризата не е целосно решена. Ако се спроведе договореното, ќе направиме се за да ги убедиме членките на ЕУ да се започнат преговорите. Сепак, тоа не се завршува за неколку месеци – рече еврокомесарот, додавајќи дека најдобар придонес за една земја и за нејзината стабилност се почетокот на преговорите.

;

Тој истакна дека ЕУ веројатно ја научила лекцијата, дека одолговлекувањето на стартот за преговорите, придонесува за создавање на проблеми на земјата.

Премиерот Никола Груевски, на заедничката прес конференција со еврокомесарот рече дека имале успешни разговори со Хан.

-Почнувањето на преговорите со ЕУ, е примарна цел на Република Македонија. Во изминатиот период имавме значителен напредок во спроведувањето на договореното. Избран е специјалниот јавен обвинител, опозицијата се врати во Собранието, а со тоа и дијалогот во институциите – рече Груевски додавајќи дека целта е да се зајакне довербата во избирачкиот список, ДИК и институциите.
META
Видео: A1on

Слични содржини