Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Тоа требаше да се случи вчера, ако се сакаше изборите да бидат на 24 април, вели за БИРН, Зоран Заев. Тој очекува и ВМРО-ДПМНЕ да го предаде својот дел од прислушуваните материјали за кои тврди дека власта ги поседува. Има таму и за бивните „кинески провизии, и белким нема да го трампаат името за да останат на власт вели Заев и уверува дека СДСМ не влетала во стапица со „Фабриката за афери“.
„Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Зошто? Не може Груевски на 15 јануари да даде оставка и истиот ден да се избере нов премиер, тоа се веќе очигледно пробиени рокови. Сепак, од огромна помош е доаѓањето на Хан и очекуваме да се допрецизираат термините за дореализација на задачите од Пржино“ вели Заев коментирајќи ја дипломатската офанзива неделава за почитување на роковите за преземените обврски.
Заев потенцира дека за СДСМ е најважно 100 дена пред изборите да има нов претседател на Владата.
„Јас и вие како медиум, а и целата македонска јавност знае дека не се создадени услови да имаме фер и демократски избори“, вели лидерот на социјалдемократите.
Според него не се исполнети сите точки од договорот од Пржино, меѓу кои најважни се проверката на избирачкиот список и регулацијата на медиумите.
„И најголемите лаици знаат дека со милион и 800.000 гласачи, колку што брои последниот избирачки список, Македонија не може да оди на избори. Ние сме помалку од милион и 600.000 жители, малолетни се некаде околу 400.000, а имаме фиктивни лични карти и дупликат гласачи. Тоа мора да биде прочистено.“
Регулацијата на медиумите, вели Заев, е точка од договорот која има директно влијание врз изборите.
„Треба да има нов и експертски состав на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на сто дена до изборите и нов директор, за да очекуваме дека агенцијата ќе реагира на ширењето омраза, нерамноправна застапеност и на кршење на професионалните стандарди. Треба да се случат промени на персоналниот состав на МРТВ и на МИА и сето тоа да се реализира не подоцна од 100 дена пред изборите, а тоа е, според првичниот договор, на 15 јануари. Невозможно е тоа да се постигне.“
Заев вели дека не може да лицитира со нов датум за избори, бидејќи СДСМ е само еден од учесниците во процесот.Тој вели дека сите опции се отворени, од април преку јуни, па сè до септември.
повеќе тука