МОН објави конкурси за стипендии за постдипломски и докторски студии во државата

од Илинка Илиоска
14 прегледи

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во државата за академската 2024-2025 година.

Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9.000 денари за девет месеци во годината. За докторски студии ќе се исплаќаат 18.000 денари месечно, во текот на целата година. Рокот за аплицирање е 1 ноември годинава.

Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од повеќе научни подрачја. Тоа се хуманистичките и општествените науки, а од природно-математичките науки – биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика. Од инженерство и технолошки науки – електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент.

Од оваа година за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС.

– Новото раководство на Министерството за образование и наука го прифати барањето на студентските организации за отстранување на ова ограничување од изминатите години, се вели во соопштението.

МОН ги повика заинтересираните кандидати да аплицираат доколку ги исполнуваат условите. Потребните документи може да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Слични содржини