Швајцарија се соочува со драматични последици од климатските промени, откако огромен дел од глечерот Брезуља се урна во долина, уништувајќи го селото Блатен. Иако жителите беа евакуирани неколку дена претходно поради предупредувања од геолозите, едно лице се води како исчезнато.
Околу 300 жители беа принудени да ги напуштат своите домови на 19 мај, откако експерти предупредија дека глечерот станува сè понестабилен. Уривањето предизвика големи оштетувања — многу куќи се срамнети со земја, а речиси целото село е затрупано под камења и мраз. Надлежните предупредуваат дека дел од раселените можеби никогаш нема да можат да се вратат во своите домови.
Швајцарската влада најави дека ќе обезбеди финансиска помош за погодените, за да можат да се населат повторно — ако не во Блатен, тогаш во блиските области. Рафаел Мајораз, раководител на регионалната канцеларија за природни опасности, посочи дека се разгледува можноста за дополнителни евакуации во регионот, поради потенцијални идни уривања.
BREAKING: Massive Glacier Collapse in Blatten, Valais (Switzerland) – May 28, 2025
Over 3.5 million m³ of ice, rock, and snow collapsed from the Birch Glacier, putting 9 million tons of pressure on the glacier.
The entire village of Blatten (approx. 300 people) was evacuated in… pic.twitter.com/ntmV35GL8o
— Weather Monitor (@WeatherMonitors) May 28, 2025
Настанот се случува во контекст на алармантниот извештај за состојбата на швајцарските глечери, кој предупредува дека сите глечери во земјата би можеле да исчезнат во следните сто години — освен ако глобалното затоплување не се задржи во рамките од 1,5°C над прединдустриските нивоа, како што беше договорено во Парискиот климатски договор потпишан од речиси 200 држави.
Ова не е првпат швајцарските Алпи да се соочат со катастрофа. Во 2023 година, жителите на селото Бриенц беа евакуирани поради опасност од уривање на огромна карпа, додека во 2017 година, осум планинари загинаа, а бројни домови беа уништени по лизгање на земјиштето во близина на селото Бондо. Глециолозите, кои со години го следат топењето на алпските глечери, предупредуваат дека ако не се преземат итни мерки за справување со климатските промени, многу алпски села може да се најдат во слична опасност.