🎥 Франција со повеќе од 600 жандарми во операција за спроведување на законот во Нова Каледонија

од Илинка Илиоска
364 прегледи

Франција започна голема операција за спроведување на законот во јужниот пацифички архипелаг Нова Каледонија за да го расчисти патот до аеродромот, откако во немирите против изборните реформи загинаа шест лица, пренесе Ројтерс.

Оваа операција „со повеќе од 600 жандарми“ има за цел „да ја врати целосната контрола над 60-те километри од главниот пат меѓу Номеа и аеродромот“, објави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на платформата Икс.

Операцијата беше започната откако Нов Зеланд побара од Франција да обезбеди аеродром за враќање на своите државјани.

„Подготвени сме да полетаме и чекаме одобрение од француските власти“, изјави министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс.

Бидејќи летовите до и од Нова Каледонија се во прекин од вторникот, владата на архипелагот процени дека околу 3.200 луѓе се блокирани на аеродромот.

Немирите започнаа во понеделникот кога Франција расправаше за нацрт-законот со кој на илјадници француски граѓани во јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право да гласаат на покраинските избори. Движењето за независност на Нова Каледонија стравува дека таквата промена ќе резултира со слабеење на политичкото влијание меѓу домородниот народ Канак.

Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас за и 153 гласа против. За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел. Областа, каде што живеат околу 270.000 жители, доби голема автономија со договорот од Номеа.

Островот се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Австралија. На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа да останат дел од Франција. Сепак, движењето за независност го бојкотираше последното гласање и објави дека нема намера да ги прифати резултатите.

Слични содржини