Ferrari има намера во иднина да произведува голем број електрични модели. Првото електрично Ferrari треба да се појави на патиштата кон крајот на следната година, но веќе е отворена фабриката во која ќе се произведува тој модел и многу други модели на овој производител.
Новиот објект наречен E-building беше отворен во присуство на италијанскиот претседател Серџо Матарела и постепено ќе биде пуштен во употреба до крајот на оваа година.
Фабриката во форма на квадрат и висока 25 метри е со површина од 42.000 метри квадратни и во нејзината изградба се инвестирани околу 200 милиони евра. Таа е високо автоматизирана, дигитализирана и ефикасна и припаѓа на таканаречените фабрики од 4-та генерација.
Во автомобилскиот сектор, се градат многу нови фабрики кои спаѓаат во оваа категорија, но проектот за изградба на Ferrari е единствен по тоа што фабриката е способна да произведе кој било модел во гамата: од 296 до 12Cilindri, преку Purosangue и идниот електричен модел.
Ова е многу важно за Ferrari имајќи предвид дека произведуваат многу специјални модели во мали количини и со многу високо ниво на персонализација.