🎥 Вест на денот во Шпанија – уапсен поранешниот претседател на Фудбалскaта федерација

од Симе Стоиков
156 прегледи

Поранешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, беше уапсен и изведен на суд во средата веднаш по слетувањето на аеродромот од Доминиканската Република.

Рубиалес, заедно со неколку поранешни соработници во Федерацијата, е осомничен за финансиски малверзации и добивање материјална корист од договорот што Федерацијата го потпиша со Саудиска Арабија.

Голем број новинари се собраа во средата на аеродромот Адолфо Суарез во Мадрид, каде се чекаше пристигнувањето на Рубиалес.

Во септември 2019 година, шпанската фудбалска федерација потпиша шестгодишен договор со Саудијците вреден 240 милиони долари за „преселување“ на финалните натпревари од Суперкупот во таа земја во следните шест години.

Посредник во овој бизнис беше компанијата „Космос“ со која раководи поранешниот репрезентативец на Барселона и шпански Жерар Пике.

Таа компанија добила 24 милиони за посредување. По наредба на обвинителството, на 20 март беше извршена рација на повеќе адреси, меѓу кои и просториите на Федерацијата, како и куќите на осомничените, а во таа прилика беа уапсени седум лица.

Тогаш била претресена и куќата на Рубиалес во Гранада, но тој во тоа време бил надвор од земјата (во Доминиканската Република), па цивилната гарда дури денеска, по враќањето, го лишила од слобода.

Во меѓувреме, поради познатиот скандал при доделувањето на медалите на фудбалерките на Шпанија, кога бакна во уста репрезентативка, Рубиалес беше разрешен од должноста и против него е поднесена кривична пријава за сексуално вознемирување.

Рубиалес беше на чело на Федерацијата во времето кога беше потпишан договорот со Саудијците.

Тој официјално поднесе оставка од функцијата претседател на шпанската ФА во септември. Сега би можел да се соочи со нова тужба, доколку се докажат наводите за финансиски малверзации.

Слични содржини