📽 Мицкоски: Ми нудеа поткуп за Коридорот 8, додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер

од Илинка Илиоска
244 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски откри дека врз него бил направен обид за поткуп во врска со проектот за Коридорот 8, поточно за прифаќање на тендерската документација која истекува на 17 септември. Мицкоски не кажа кој стои зад обидот за поткуп, но нагласи дека е познато како се одвиваат овие работи, преку „канали за комуникација“. Тој додаде дека за овој случај ги информирал сите надлежни институции и партнерите од Европската Унија, кои ги прифатиле неговите аргументи со разбирање.

„Лично пред целата македонска јавност, изјавувам дека врз мене беше направен обид за поткуп во врска со проектот за Коридорот 8, поточно за прифаќање на тендерската документација што истекува на 17 септември. Додека сум премиер, нема да го прифатам овој тендер,“ рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека сите релевантни институции се информирани за ситуацијата, но забележа дека овие комуникации не се документирани транспарентно, бидејќи се одвиваат преку одредени канали и додаде дека има доволно искуство за да ја предвиди целта на неговите соговорници.

Мицкоски, исто така, нагласи дека приоритет на Владата се сите коридори кои минуваат низ земјава, вклучувајќи ги Коридорот 8 и Коридорот 10. Тој ја истакна важноста на овие инфраструктурни проекти за државата и потенцираше дека Владата ќе продолжи со посветеност да работи на нивната реализација.

Во однос на Коридорот 8, Мицкоски информираше дека дијалогот со Бугарија ќе се одвива во Брисел, на високо ниво, а процесот ќе го фасилитира Европската комисија.

„Очекуваме истата посветеност и од бугарска страна, бидејќи нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра, а тие да не направат ништо,“ заклучи Мицкоски.

Слични содржини