📽Берни Еклстоун продава неверојатна колекција на Ф1 болиди

од Vladimir Zorba
47 прегледи

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, одлучи да ја продаде својата неверојатна колекција од 69 историски Гран При и Формула 1 болиди, чија вредност изнесува повеќе од 100 милиони долари.

Британскиот бизнисмен со децении ја чуваше својата колекција подалеку од очите на јавноста, а сега реши да ја распродаде. Се верува дека е најдобрата колекција на Ф1 болиди во светот, од кои некои се во сопственост на Еклстоун повеќе од 50 години. Многу од нив воопшто не се видени откако ги купил.

Од вкупно 69 болиди во колекцијата, 30 се Brabham затоа што Еклстоун бил сопственик на тимот на Brabham F1 од 1972 до 1985 година и има барем една копија од секој болид некогаш направен. Меѓу нив е автомобил од 1981 година, кој го возеше Нелсон Пике, а има и Brabham BT46B Fan Car, во чиј кокпит беше Ники Лауда на трката за Големата награда на Шведска во 1978 година.

Колекцијата на Еклстоун вклучува 17 Ferrari, од кои едно е Dino 246, кое го возеле Фил Хил, Ричи Гинтер, Тони Брукс и Волфганг фон Трипс. Мајк Хоторн го освои шампионатот во 1958 година во овој автомобил.

94-годишниот бизнисмен продава и Ferrari 275 F1, управуван од Алберто Аскари на трките во Италија и Германија. Овој автомобил е навистина посебен бидејќи е првото Ferrari кое победило на Ф1 трка. Овој конкретен автомобил неодамна беше реставриран во двегодишен процес.

Ferrari Ф2002 од 2002 година, управуван од Михаел Шумахер и Рубенс Баричело и кој забележа три победи на трките, е исто така дел од оваа феноменална колекција.

„Ги собирав овие автомобили повеќе од 50 години, купувајќи ги само најдобрите примероци. Додека многу други колекционери се одлучија за спортски автомобили, мојата страст отсекогаш биле Гран при и Ф1 автомобили. Тие се поважни возила од било кој патен автомобил или кој било друг вид тркачки автомобил, бидејќи тие се врвот на спортот. Сите автомобили што ги купив со текот на годините имаат фантастична историја и се ретки уметнички дела. Ги сакам сите мои автомобили, но дојде време да размислам што ќе се случи со нив откако ќе ме нема. Затоа решив да ги продадам. Откако ги собрав и ги поседував долго време, сакам да знам каде ќе завршат. Не сакам да ги оставам на жена ми да се занимава откако ќе ме нема“, изјави Еклстоун.

Слични содржини