Џелили за условите на БЕСА: После уставните измени експертска влада да организира предвремени избори

од Nikola Popovski
348 прегледи

Самото наметнување од страна на меѓународната заедница и од Владата да се прошири владината коалиција, значи дека се бара стабилност и во моментов таа е потребна. Балканот е чувствително место и можеби поради тоа се бара избегнување на предвремени избори, вели во разговор за „Локално“ поранешниот пратеник Зуди Џелили во однос на условите и барањата на БЕСА за гласање на уставните измени и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.

Според него, предвремените избори се неопходни секогаш кога мнозинството не е во состојба да функционира.

-Тоа значи дека е кревко и се бара излезе од криза. Меѓутоа сега и промената на Уставот е условувана со рок. Колку што сум информиран бидејќи во нашето опкружување има индикации за можни инциденти и можеби се заинтересирани да внесуваат нестабилност, меѓународниот фактор ги избегнуваат изборите оти се заострува реториката и се внесува немир кај граѓаните кој ќе победи, доколку победи како ќе однесува, се плашат луѓе од реваншизам и во моментов не е опција. За мене би било поприфатливо некој вид широка коалиција – експертска влада бидејќи сите ќе бевме задоволни и државата ќе функционираше без проблеми. Откако ќе се решат уставните промени, во последната година на мандатот, техничка влада да организира предвремени избори и сите политички фактори ќе бидат рамноправни, оценува Џелили.

Поранешниот пратеник смета дека на ВМРО-ДПМНЕ му се потребни партнери од албанскиот блок.

-ВМРО-ДПМНЕ едно време имаше поцврсти ставови во однос на евроитеграциите и албанските партии во контакти со нив го изразија тоа незадоволство бидеќи ВМРО треба да е проевропско ориентирано. Сега мислам дека им требаат партнери од албанскиот блок и можно е да коалицираат со БЕСА и Алијанса на Албанците. Ако сакаат целосно промена на власта, мора опозицијата да соработува заеднички, вели тој.

За можноста околу поставување на маса на предлогот за бришење на формулацијата „20%“ во замена за гласање на уставните измени, Џелили вели дека никој не изразил негативно мислење за бришење на терминот „20 отсто“ за Албанците.

-Ако околностите се причини, може да се случи да се договорат за подоцна или сега, но многу зависи од тоа што ќе се договорат меѓу себе парламентарните партии. Редно е тоа да се реши еднаш засекогаш оти нема спор, сите се едногласно – како што се произнесоа албанските партии во заштита на македонскиот јазик, идентитет и писмо, така треба и македонските политички партии треба да имаат разбирање и да го решат тој проблем. Сепак тоа да се случи без форсирање, без да произведува некоја криза или проблем, заклучува Џелили.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи синоќа порача дека уставните измени се најлесните прашања што треба да ги решиме во преговарачкиот процес.

-Прво мораме да постигнеме консензус дека измените не се штетни и мислам дека ќе го постигнеме тој компромис. Се јавува една партија „за да дадеме ние, треба и вие да дадете“. Кому да дадете? Мене ми е тешко кога некој ќе ми каже дека уставните измени се проблематични и ризични и граѓаните ќе бидат исплашени. Сакам да излеземе пред граѓаните и да се расправаме за формата. Мене ќе ми биде интересно кога историјата ќе пише кој го решил меѓународното етаблирање на македонскиот јазик и баш ќе уживам во таа оценка, рече меѓу другото Османи во гостување на дебатна емисија.

Н.П.

Слични содржини