Колумбискиот државјанин Џастин Андрес Москера (35), познат по своите домашни видеа за возрасни, е обвинет за брутално двојно убиство, распарчување на телата на жртвите и обид за прикривање на злосторството на шокантен начин што, според обвинителите, наликува на сцени од најгрозоморните криминални серии.
Според наводите од судењето во Олд Бејли, убиствата се случиле на 8 јули 2024 година, во стан во Западен Лондон. Москера прво го нападнал 71-годишниот Пол Лонгворт со чекан, а потоа за време на сексуален однос го избодел 62-годишниот Алберт Алфонсо, при што целиот чин бил снимен со камера.
Два дена по злосторството, на 10 јули, велосипедист случајно налетал на Москера на мост во Бристол, оддалечен речиси 160 километри од местото на убиствата. Москера стоел до голем црвен куфер и на велосипедистот му рекол дека внатре има делови од автомобил. Подоцна било откриено дека куферот содржел делови од распарчени човечки тела. Други остатоци биле пронајдени во сребрен куфер што го носел со себе, додека замрзнатите глави на жртвите биле најдени во замрзнувач во станот каде што се случиле убиствата.
Обвинителката Дајана Хир на судењето истакна дека Москера „не може да ги негира своите постапки“, бидејќи видеоснимката недвосмислено го потврдува убиството. Особено вознемирувачки бил моментот кога обвинетиот, по двојното убиство, бил снимен како пее и танцува покрај телата на жртвите. Москера се обиде да се изјасни за виновен по основ на „убиство од небрежност“, но обвинителството го одби тоа и инсистира на целосна кривична одговорност за свирепиот чин.
Истрагата открила дека Алфонсо и Москера редовно одржувале сексуални односи со трета личност, а Лонгворт, кој наводно не учествувал, бил запознаен и дал согласност. Нивните видеа често завршувале на интернет, а тројцата патувале заедно во Колумбија, каде што објавувале заеднички фотографии од одморот на социјалните мрежи.
Дополнително, истражителите откриле дека пред убиствата, Москера пребарувал поими како „лондонски сериски убиец“ и „замрзнувач за тело“, и наводно се обидел да украде над 5.000 долари од сметката на жртвите. Тој дури изработил презентација со детални информации за нивните финансии. Џастин Москера останува во притвор, а судењето продолжува.