Вчера попладне избувна пожар во кругот на фабриката Порцеланка, кој се прошири на стотина метри од цистерни и склад со над 80 тони гас. Благодарение на брзата и храбра реакција на велешките пожарникари, избегната е голема трагедија, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Овие садови со гас се на неколку стотина метри од последната линија на пожарот. Можеше да се случи катастрофа, бидејќи овде има најмалку 80 тони гас“, рече Ангелов.
Тој за активните пожари рече дека сепак е оптимист дека пожарот ќе биде ставен под контрола денес.
„Ако не успееме, се заканува да се прошири низ целата планина Серта,“ рече Ангелов.
Денес, до 14 часот, активни се осум пожари низ цела Македонија, со најсериозниот на планината Серта над селата Драгоево и Селце во Општина Штип. Пожарот не е изгаснат и покрај вчерашниот дожд, иако хеликоптери дејствувале од утрово. Општинските власти ангажирале градежни машини за да направат противпожарни пресеки.
Вториот пожар е во Општина Чашка кај селата Богомила и Орашје, третиот кај селото Габровник, четвртиот кај селата Јаболчиште и Дреново, петтиот во Општина Градско, шестиот кај селата Слатино и Грешница во Општина Македонски Брод, седмиот кај селото Небрегово во Општина Долнени, и последниот опасен пожар во Општина Ново Село кај Бадилен.
Денеска се ангажирани 145 припадници на Армијата, 55 полицајци, и 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Ангелов упати голема благодарност до сите храбри пилоти, македонската Армија, полицијата, пожарникарите, припадниците на ДЗС и граѓаните кои помагаат во справувањето со пожарите.