🎥 „Не знам како сум жив“ – приказната на човекот што падна од небото

од Марта Пешевска
85 прегледи

Во една од најтрагичните авионски несреќи во последно време, каде животот го загубија сите патници освен еден, светската јавност е во шок од неверојатната приказна на единствениот преживеан – Вишвас Кумар Рамеш, британски државјанин со индиско потекло. Рамеш се наоѓал на седиштето 11А, веднаш до прозорецот и вратата за итен излез од левата страна на авионот „Боинг 787-8 Дримлајнер“ на Ер Индија, кој падна во близина на Ахмедабад.

Сè уште не е потврдено како точно преживеал, но првичните информации укажуваат дека токму позицијата на неговото седиште можеби му го спасила животот. Според неофицијални извори, се претпоставува дека седиштето со Рамеш се одвоило во моментот на падот, и тој паднал заедно со него, на некој начин заштитен од ударот, пламените јазици и разнесените остатоци. Камера снимила неидентификуван објект како се одвојува од авионот непосредно пред експлозијата – дел од јавноста шпекулира дека тоа можеби била токму вратата од излезот до која седел Рамеш.

Овие тврдења, иако драматични, засега се без официјална потврда. Експертите апелираат на трпение и предупредуваат дека ваквите сценарија мора да бидат разгледани од стручен тим, во рамки на целосната истрага. Веднаш по несреќата, Рамеш, уште во шок, успеал да се јави на своето семејство и низ солзи рекол: „Не знам како сум жив“. Во изјава за индискиот весник „Хиндустан Тајмс“, тој опишува дека околу 30 секунди по полетувањето слушнал силен тресок, по што авионот почнал нагло да губи висина. Од ударот добил повреди на градите, очите и нозете, но сепак успеал да стане и да избега од местото на несреќата.

„Кога дојдов при свест, се’ околу мене беа тела. Трчав, не знаев каде. Некој ме фати за рака, ме внесе во амбулантно возило и ме одведоа во болница“, раскажува Рамеш.

Додека истрагата за причините продолжува, интернетот се преплави со коментари и анализи, а седиштето 11А – иако статистички не најбезбедно – доби статус на „среќно место“, симбол на чудо во несреќата што однесе десетици животи.

Слични содржини