Американски борбен авион Ф/А-18Е Супер Хорнет се урна од носачот на авиони УСС Хари С. Труман (CVN 75) за време на обид за слетување по завршена мисија над Јемен, соопшти американската морнарица. Ова е втор ваков авион изгубен за време на американските воздушни напади врз териториите контролирани од Хутите во Јемен. Според проценките, вредноста на авионот изнесува околу 72 милиони долари. Во официјалното соопштение на Морнарицата се наведува:
„УСС Хари С. Труман (CVN 75) изгуби F/A-18E Супер Хорнет од составот на 136-та ескадрила за ударни ловци (VFA-136), како и возило за влечење авиони додека носачот дејствуваше во Црвеното Море, на 28 април. Еден морнар претрпе полесни повреди.“
Инцидентот се случил додека авионот бил во процес на влечење кон хангарот, при што екипажот ја изгубил контролата. И авионот и влечното возило завршиле во морето. Морнарите што го влечеле леталото успеале навремено да се оттргнат и избегнат сериозни повреди. Истрагата е во тек. И покрај инцидентот, ударната група на носачот на авиони „Хари С. Труман“ и придружното воздушно крило 1 остануваат целосно оперативни и подготвени за понатамошни мисии.
Ударната група ја сочинуваат: носачот на авиони „Хари С. Труман“, девет ескадрили, три разурнувачи со наведувани ракети од Ескадрилата на разурнувачи 28, како и крстосувачот од класата Тикондерога УСС Гетисбург (CG 64).
Ова не е прв инцидент со Супер Хорнет во рамки на операциите над Јемен. Да потсетиме, во декември 2024 година, крстосувачот УСС Гетисбург по грешка собори американски Ф/А-18 што штотуку полетал од „Хари С. Труман“. И двајцата пилоти се катапултираа и беа спасени, а еден претрпе полесни повреди. Инцидентот беше означен како пријателски оган, прв од ваков тип во рамки на операциите против Хутите.
Ф/А-18 Хорнет – Повеќенаменски борбен авион
F/A-18 Hornet е американски повеќенаменски борбен авион развиен во 1970-тите, и оттогаш претставува клучен дел од флотата на американската морнарица. Влезе во употреба во јануари 1983 година, а првите борбени мисии ги изврши во 1986 година. Авионот има борбен дострел од околу 1000 километри, а ефикасно се користеше во воени операции во Либија, Ирак, Југославија, и во Војната во Персискиот Залив. За време на таа војна, „Хорнет“ учествуваше во напад на копнени цели, но истовремено и влезе во воздушен судир со два ирачки МиГ-21.