🎥 Огномет предизвика пожар на ридот Горица во Подгорица: Двајца повредени во гаснењето

од Илинка Илиоска
65 прегледи

Пожарот кој синоќа го зафати ридот Горица во Подгорица бил локализиран околу еден часот утринава. Според неофицијални информации како што пренесе „Вијести“ се верува дека пожарот бил предизвикан од огномет, при што полесно повреди двајца мажи кои учествуваа во гаснењето.

Огнот зафатил значителен дел од површината и шумите на ридот. Вршителот на должноста командант на Службата за заштита и спасување на главниот град, Здравко Блечиќ, изјави дека причината за пожарот најверојатно е огномет.

Заменик-градоначалникот на Подгорица, Лука Ракчевиќ, на својот Инстаграм профил објави дека „првиот дел од пожарот, забележан околу 21:00 часот во близина на врвот на платото Горица, најверојатно бил предизвикан од невнимателно палење огномет“.

Неколку лица биле лишени од слобода и предадени на обвинителството поради инцидентот. Ракчевиќ додаде дека истрагата ќе се води во соработка со Управата на полицијата. Исто така, тој спомена дека по успешното локализирање на првиот пожар, избувнал нов на околу 300 метри од претходните жаришта, што укажува на ново подметнување.

„Благодарение на напорите на сите, особено на Јасна Гајевиќ и Здравко Блечиќ, претходните месеци од Горица отстранивме и однесовме повеќе од 1.300 кубни метри суви опожарени дрвја. Да останеше на ридот, како што е со години (од последниот голем пожар), вечерашните активности ќе беа неспоредливо потешки и се плашам дека ќе потрошевме денови за гаснење на пожарот“, рече Ракчевиќ.

Слични содржини