🎥 Поради љубовната ноќ на капетанот, заморот и фаталната паника во пилотската кабина, 228 луѓе слетаа право во смрт

од Марта Пешевска
258 прегледи

Една од најголемите трагедии во историјата на авијацијата, падот на авионот „Ербас А330“ на летот AF447 на „Ер Франс“ во Атлантскиот Океан во 2009 година, сè уште предизвикува болка и контроверзии. Авионот, кој полета од Рио де Жанеиро кон Париз на 1 јуни 2009 година, исчезна над океанот со 228 луѓе на бордот. Истрагата траеше со години, а остатоците беа извлечени од дното на океанот дури по две години.

Црната кутија, која беше клучна за разбирање на причините за несреќата, лежеше во длабочините и го забави расветлувањето на трагичниот настан. Според конечниот извештај, летот завршил четири часа и 15 минути по полетувањето, кога авионот се урнал во океанот. Последните моменти во пилотската кабина биле исполнети со паника. Кога откажала клучната опрема за летање, копилот Давид Робер викнал: „Леле, ќе се срушиме! Не е вистина! Но, што се случува?“, „По ѓаволите, мртви сме“.

Пилотите Марк Дубоа (58), Давид Робер (37) и Пјер Бонин (32) биле единствени одговорни за управување со авионот во критичните моменти. Истражителите утврдија дека двајца од нив заспале еден по друг додека авионот влегувал во зона со тешки временски услови. Во тие мигови, најмладиот од нив, Бонин, кој бил релативно неискусен, останал сам на контролите и направил серија фатални грешки.

Капетанот Дубоа, кој претходната ноќ бил со љубовница, една од стјуардесите и оперска пејачка која патувала како патничка, признал дека спиел само еден час. Неговото отсуство во критичните минути било пресудно, иако технички не било спротивно на процедурите. Алан Булард, кој ја предводеше истрагата, изјави:

„Доколку капетанот останеше на командното место низ меѓутропската конвергентна зона, можеби приказната ќе завршеше поинаку. Тоа што тој замина на одмор за време на најопасниот дел од летот е дел од поширока културна практика која, за жал, чинеше животи“.

Иако семејствата на жртвите бараа правда и институционална одговорност, француските судови донесоа одлука што предизвика негодување: и „Ер Франс“ и „Ербас“ беа ослободени од обвиненијата за убиство од небрежност. Судот заклучи дека е „невозможно да се докаже“ директна вина на корпорациите, бидејќи не постоеле прекршувања на техничките или безбедносните правила.

Сепак, веднаш по несреќата, „Ер Франс“ започна со темелно ревидирање и подобрување на обуката на пилотите. Иако случајот е правно затворен, болката за семејствата на жртвите и мистеријата околу некои аспекти на катастрофата сè уште остануваат. Летот AF447 останува симбол на трагедија, човечка грешка и потребата од постојано унапредување на безбедноста во воздушниот сообраќај.

Слични содржини