Украински борбени авиони извршија прецизен воздушен напад врз база на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во регионот Белгород, при што, според извештаите, загинале неколку руски разузнавачи. Нападот бил изведен со француски прецизно водени бомби AASM Hammer, монтирани на украински МиГ-29 авиони.
Информацијата ја пренесе каналот „Соњашник Телеграм“, кој е блиско поврзан со украинските воздухопловни сили. Според нив, целта била директно погодена, што може да се види и на снимките од дрон кои се објавени на социјалните мрежи. На видеото се гледа експлозија, по што следува облак од густ чад. „Ова се случува кога пораката не е разбрана на почетокот – тогаш Козаците мора да го повторат разговорот“, се вели во описот на видеото.
Локацијата на погодената зграда била потврдена и од аналитичарите на разузнавањето со отворен код (OSINT) на платформата X, а веста ја пренесе и американскиот медиум Newsweek. Овој напад доаѓа неколку недели откако украинските сили, според непотврдени информации, го зазедоа селото Демидовка во истиот регион, како и по претходен напад со американскиот ракетен систем HIMARS, во кој биле уништени четири руски хеликоптери.
Финскиот воен аналитичар Емил Кастехелми од групата Black Bird за Newsweek изјави дека не постојат докази за понатамошен територијален напредок на Украина во регионот, но според него, нападите најверојатно имаат за цел да ја одвлечат и ослабат концентрацијата на руските сили, наместо да доведат до големи освојувања.
Бомбите AASM Hammer, кои се произведуваат од француската компанија Safran Electronics & Defense, се модерно оружје со висока прецизност, дизајнирани за напади и на длабоки цели зад линиите на фронтот, но и за блиска воздушна поддршка. Според изјавата на компанијата за Business Insider, производството на овие бомби е значително зголемено годинава, иако не е јасно колку од нив ќе бидат испратени во Украина. Украинските воздухопловни сили најавија дека ќе продолжат со активни операции во сите правци, додека војната продолжува.
AASM Hammer air strike by the MiG-29 on the Russian base which as said was used by FSB. https://t.co/IbAyUOiJoJ pic.twitter.com/6Z5Qp2KFFn
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) May 26, 2025