🎥 САД тестираа проектил кој може да стигне до Москва и Пекинг за 30 минути

од Илинка Илиоска
440 прегледи

САД вчера наутро лансираа невооружена интерконтинентална балистичка ракета од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, што е првото од двете пробни лансирања планирани за оваа недела, објави Си-Би-Ес.

Командата на воздухопловните сили објави видео и слики од ракетата Минутмен 3 (Minuteman III) додека лета на небото северно од Санта Барбара.

Во соопштението се наведува дека пробната програма за лансирање е дизајнирана за „да се потврди безбедноста, ефективноста и подготвеноста на системот за оружје“. Минутмен 3 патувала преку 6.400 километри со брзина поголема од 24.000 километри на час до Маршалските Острови во централниот дел на Пацификот.

– Ова пробно лансирање го означува почетокот на извонредната недела за нашите воздухопловци во Ванденберг, со две планирани пробни лансирања од западниот полигон, изјави полковник Брајан Титус, заменик командант на воената единица Space Launch Delta 30.

– Овие тестови се од огромно значење, не само за одбраната на нашата нација, туку служат и како клучен момент за прикажување на исклучителните способности и експертиза на нашиот посветен тим, додаде тој.

Minuteman III стана оперативен во 1970-тите. Во моментов има 400 ракети Minuteman III во различни бази на воздухопловните сили низ земјата, кои военото крило ги опишува како стратешки вооружен систем наменет да служи како „сигурно и ефективно нуклеарно одвраќање“.

Слични тестови биле спроведени повеќе од 300 пати претходно, а Титус вели дека вчерашниот тест „не бил резултат на актуелните светски настани“, туку имал за цел „да покаже дека нуклеарното одвраќање на САД е безбедно, доверливо и ефикасно“.

Minuteman III за 30 минути може да стигне до Москва и Пекинг, кои се оддалечени на 9.500 и 9.650 километри од Калифорнија.

Слични содржини