🎥 Се појавија лажни евро монети, еве како да ги препознаете

од Илинка Илиоска

По долгогодишна истрага, шпанската полиција уапси 10  кинески државјани за пуштање во оптек низ ЕУ  фалсификувани монети од 2 евра. Со помош на Европол, во шпанскиот град Толедо пронајдена е и работилницата на фалсификаторите. Тоа,  според полицијата е „најважното откритие од ваков вид во Европа во последните десет години“.

Иако економската штета во конкретниот случај, како што пренесе Дојче Веле,  можеби не беше голема (половина милион фалсификувани монети од две евра имаат вредност од околу еден милион евра), успехот на полицијата не треба да се потцени.

Па, како може да препознаеме дали таа паричка што ја имаме е вистинска?

Според полицијата треба да се внимава симболите втиснати на евро монетата да се јасно подигнати и јасно да се гледаат контурите. На рабовите на монетите има и симболи и испакнатини, така што и слепите луѓе можат да ги препознаат. На фалсификаторите им е тешко верно да ги реплицираат. Монетите немаат холограми и безбедносни печати како хартиените пари. Но, повторно имаат доволно карактеристики што тешко се копираат.

Граѓаните веројатно не се шетаат со магнети во џебот, но во видеото на шпанската полиција се гледа дека магнетот е прилично добар начин да се потврди автентичноста. Надворешниот прстен на монетата од две евра – исто како и кај монетите од 10, 20 и 50 центи – не може да се привлече со магнет.

 

Слични содржини