Во попладневните часови, главниот град на Србија, Белград, беше погоден од силна бура проследена со обилни врнежи од дожд, град и силен ветер, што доведе до поплавување на улиците. На снимките објавени на социјалните мрежи може да се види како делови од автопатот низ градот биле целосно под вода. Според податоците на Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија (РХМЗ), во Белград наврнале дури 45 литри дожд на квадратен метар.
Поради непогодите, Министерството за внатрешни работи и РХМЗ издадоа итно метеоролошко предупредување, а за поголемиот дел од Србија е прогласена црвена временска тревога поради обилни врнежи и грмотевици. Покрај дождот, бурата предизвика и нагло опаѓање на температурите, додека силните ветрови дополнително ја отежнаа ситуацијата на терен.
View this post on Instagram
A post shared by Regionalna informativna novinska agencija (RINA) (@_rina.rs)
Интервенции и предупредувања
Влатко Ристиќ од Противпожарната и спасувачка бригада на Белград изјави за РТС дека попладнево добиле голем број повици од граѓани од различни делови на градот поради последиците од невремето. Тие интервенирале и во ситуации кога возачи останале заглавени во своите автомобили поради големата количина вода на патиштата. Ристиќ ги повика граѓаните да бидат внимателни за време на ваквите временски услови и препорача да се избегнува непотребно движење додека ситуацијата не се стабилизира. Засега нема информации за повредени, а штетите се во проценка. Надлежните служби се на терен и работат на санирање на последиците од бурата.