Турција, членка на НАТО од големо геостратешко значење и излез на три мориња, подолго време ја развива својата одбранбена индустрија и концептот на одбрана „Доктрина на ежот“, односно доктрина на одвраќање на заканите актуелна во текот на Студената војна.
„Доктрината на ежот“ на Турција подразбира развој на војна сила којашто е способна со свои капацитети да брани одреден копнен, воздушен или поморски простор така што секоја агресија врз нив да не му се исплатува на напаѓачот, се појаснува во анализата објавена на klix.ba.
Од доаѓањето на власт на Реџеп Тајип Ердоган, се создаде моќен воено-индустриски комплекс што ѝ овозможи на Турција преку свои компании да го развива севкупниот воен арсенал што ѝ е потребен.
Сателити и ракети
Истовремено, Турција стана и вселенска сила во развој, со десетина сателити од свое производство, што за цивилни, што за воени цели. Воените сателити Ѓоктурк-2 се користат за набљудувачки цели со резолуција од 2,5 метри, а се очекува наскоро и новата генерација пософистицирани сателити Ѓоктурк-3. Тоа секако влијае и на турската програма за развој на балистички ракети. Развојот на сателити за надзор и комуникации претставува основа за водење и управување на балистички ракети со различни дострели.
Во 2022 година беше претставена најуспешната балистичка ракета од турската програма „Тајфун“, со дострел од 550 километри, со што влегува во категоријата ракети со краток дострел. Сепак, при некои лансирања таа постигнала и дострел до 1.000 километри, со грешка од 10 метри на целта. Постои и верзија на оваа ракета за извоз, со дострел од 280 километри и помала боева глава.
Сепак, најсилните адути на турската ракетна индустрија се ракетите Гезгин и Џенк. Вторите се со дострел од 1.000 до 1.500 километри, односно се во рангот на среден дострел. Интересно е што таа, според турските инженери, има боева глава MARV, односно глава што се одвојува во средната фаза на летот и самостојно се насочува кон целта, и тоа со променлива патека, што ја прави тешко уловлива цел
Крстосувачката ракета Гезгин е турска верзија на познатата американска „Томахавк“ и има деклариран дострел до 2.000 километри.
Она што е особено важно за турската ракетна програма е концептот на мобилни транспортни лансери, што овозможува примена на ракетите на целата територија на земјата.
На тактичко ниво на краток дострел – до 300 километри – турската воена индустрија има голем број оперативни ракети, од кои дел и за противбродска борба. Исто така, најновите турски фрегати и корвети, како и други воени бродови, се опремени со противбродските крстосувачки ракети АТМАЏА со дострел и до 400 километри.
Израел негодува
Најжестоките реакции за развојот на турската програма за балистички ракети доаѓаат од Израел, иако двете земји успешно соработуваат во некои воени програми. Дел од израелските ракетни експерти повикуваат на контроли, со коишто би се утврдило дали Турција го прекршила Режимот на контрола на ракетната технологија. Турција е член на овој Режим од 1987 година, со што се обврзува дека нема да извезува балистички ракети со дострел над 300 километри и со боева глава потешка од 500 килограми. Сепак, овие правила не важат за ракети за сопствена употреба.
Иранското искуство како лекција
Во однос на своите соседи на север, исток и југ, Турција е единствената членка на НАТО, но тоа не е пресуден фактор во одбранбена смисла, ако како потенцијални противници се покажат земји со високоразвиено воено воздухопловство.
Балистичките, заедно со крстосувачките ракети, се главна потпора на ненуклеарното одвраќање, но без адекватна способност за заштита на нивните лансирни позиции, фабриките во кои се прозиведуваат, како и на државната територија, нивната способност сепак има ограничувања. Тоа посебно сликовито се виде во 12-дневната војна на Израел и Иран, во која се докажа големото значење на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана. Едноставно, без силно воено воздухопловство, нема државен суверенитет и проекција на воена сила.
Ф-35 во минатото, Ф-35 во иднина?
Поради купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400, Турција беше исфрлена од авионската програма Ф-35, поради што се потпира на авионите ловци Ф-16 Ц/Д.

Фотографија: Воено воздухопловство на Турција
Како последица од згаснувањето на можност за набавка на Ф-35 од САД, поради што Турција едноставно направи револуција со развојот на беспилотните летала (дронови) Бајрактар ТБ-2, ТБ-3, Акинџи и други. Паралелно со тој развој, Турција стана една од водечките земји во развојот на прецизно наведувани бомби и крстосувачки ракети.
Но, приближувањето на ставовите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и на претседателот на САД Доналд Трамп, навестува дека Турција можеби би се вратила во програмата Ф-35. Од друга страна, Турција исто така упати барање за набавка на нови авиони Ф-16 Блок (Вајпер).Но додека од Вашингтон не стигне позитивен сигнал, после сите стратешки прераспределби во регионот, Турција ќе се потпира на сопствените програми, како што е развојот на националниот борбeн авион КААН, системи за противвоздушна одбрана и арсеналот балистички ракети.