🎥 Збогум што боли цел живот – „Ќе ме чекаш ли? – ја прашува млад Аргентинец баба си кој мора да ја напушти за подобар живот

од Марта Пешевска
116 прегледи

Емотивно видео објавено на TikTok ја трогна целата јавност, прикажувајќи го срцепарателниот момент кога младиот Аргентинец, Џанлука Пуљезе од Буенос Аирес, се збогува со својата болна баба пред да замине за Шпанија. Видеото, кое трае околи две минути, собра милиони прегледи и коментари полни со поддршка и сочувство. Во снимката се гледа како Џанлука, со тешко срце, ѝ објаснува на баба си дека мора да замине во Шпанија во недела, каде што ќе работи неколку месеци.

Тажната сцена го прикажува разговорот меѓу внукот и бабата, која лежи во кревет и со солзи го прашува зошто мора да ја остави.

„Да заработам пари“, одговара Џанлука, обидувајќи се да ја утеши, по што следи најтрогателниот момент кога ја прашува, дали ќе го чека. Наместо одговор, бабата едвај собра сила и му одговори дека се надева дека ќе го види повторно.

„Се надевам дека ќе те видам повторно, ако даде Бог… Ќе ми недостигаш“, му рече таа. Видеото завршува со тивка, но длабоко емотивна сцена. Џанлука ја бакнува баба си на челото додека седат во тишина, свесни дека моментот на разделба е сè поблиску. Тој ѝ ветува дека ќе се врати и ја моли да го чека.

„Приморан сум да заминам“

Младиот Аргентинец подоцна изјави дека е принуден да ја напушти земјата поради економската криза и неможноста да води пристоен живот во Аргентина. Иако на почетокот не сакал да го сподели интимниот момент, на крајот се решил на тоа бидејќи чувствувал голема болка и немоќ. Но, она што го следеше никој не го очекуваше.

Онлајн кампања: „Остани, Џанлука“

Видеото предизвика лавина од поддршка на интернет, а корисниците започнаа иницијатива за Џанлука да стане инфлуенсер и да може да остане со својата баба. Коментарите беа преплавени со пораки како: „Не оди, Џанлука, ќе те направиме инфлуенсер!“ „Остани, ќе те плаќаме месечно“, „Снимај видеа со баба ти, сите ќе те следиме“. Кампањата доби поддршка и од познати личности, вклучувајќи го и мексиканскиот инфлуенсер HotSpanish, кој му порача:

„Остани, изгледаш добро, можеш да станеш инфлуенсер. Грижи се за баба си и ќе видиш дека можностите ќе дојдат.“

Љубов, болка и надеж во едно видео

Оваа трогателна приказна не само што ја истакна болката од разделбата, туку ја покажа и силата на безусловната љубов меѓу баба и внук. Илјадници луѓе се поврзаа со видеото, некои дури и споделувајќи свои слични искуства. Џанлука сè уште се соочува со тешката одлука дали да замине или да остане. Но едно е сигурно, неговата приказна остави длабок печат во срцата на милиони луѓе ширум светот.

 

Слични содржини