Британскиот премиер Кир Стармер во денес ќе одржи итен состанок со полициските началници по насилните антиимигрантски протести кои се интензивираа во последните денови, при што беа подметнати пожари во згради, возила и хотели во кои се сместени барателите на азил.
Минатата недела избувнаа немири во градовите и помалите градови, откако три девојчиња беа убиени во напад со нож во Саутпорт, северозападна Англија, а досега се уапсени 420 лица.
Убиствата веднаш беа искористени од антиимигрантски и антимуслимански групи. Набргу по нападот, на интернет се проширија дезинформации дека осомничениот напаѓач е радикален исламист кој штотуку пристигнал во Британија. Но, полицијата соопшти дека осомничениот е роден во Британија и дека случајот не се третира како терористички инцидент.
Министерката за внатрешни работи Ивет Купер рече дека инцидентот „ги охрабрил споменатите групи да поттикнуваат расна омраза“, поради што нивните членови фрлале тули врз полицајците, ограбувале продавници и напаѓале џамии.
Во текот на викендот избувнаа немири во Ливерпул, Бристол, Тамворт, Мидлсброу и Белфаст во Северна Ирска. Таму, повеќето од демонстрантите ги покриле главите со бандани и се обвиле со британски знамиња.
Повеќето од нив фрлаа камења извикувајќи „Стоп за чамците“, мислејќи на мигрантите кои во последните години пристигнуваат во Британија од јужниот брег на земјата.
Во Ротерам, северна Англија, демонстрантите се обидоа да упаднат во хотел во кој се сместени барателите на азил.
Во неделата Стармер вети дека антиимигрантските и исламофобични насилници ќе зажалат за своите постапки.
„Гарантирам дека ќе зажалите што учествувавте во овие немири“ или директно или „провоцирачки на интернет“, рече шефот на лабуристичката влада која дојде на власт пред само еден месец.
Тој вети дека неговата влада ќе стори „се што е потребно за да ги изведе овие насилници пред лицето на правдата што е можно поскоро“.