Џенифер Лоренс и Роберт Патинсон ја воодушевија публиката на Канскиот филмски фестивал со нивната нова психолошка драма „Die, My Love“.
Овој филм е режиран од шкотската режисерка Лин Ремзи, а премиерата беше во саботата, по што публиката го награди со шестминутни овации.
Како што пишува „Варајети“, додека овациите одекнуваа низ салата, Лин Ремзи го запре аплаузот на публиката со зборовите: „Толку сум преплавена од емоции. Благодарам на неверојатната екипа. Морам да се соберам, се гледаме наскоро“.
„Die, My Love“ е драма што ја прикажува емоционалната и психолошката борба на главниот лик, кој го игра Џенифер Лоренс. Таа ја портретира улогата на жена која се справува со постпартална депресија и се бори со зголемена психолошка нестабилност. Роберт Патинсон го игра нејзиниот сопруг во филмот, а нивната нефункционална врска е прикажана преку низа интензивни сцени.
Сцените со самодеструктивно однесување на главниот лик, вклучувајќи удирање на главата од стакло, скокање низ стаклени површини и гребење на ѕидови, предизвикаа бурни реакции кај гледачите.
Филмот е адаптација на романот „Die, My Love“ од Аријана Харвиц од 2017 година, кој се занимава со темата за постпартална депресија и психотични епизоди. Џенифер Лоренс, покрај тоа што ја играше главната улога, работеше на филмот како продуцент. Лакит Стенфилд, Сиси Спејсек и Ник Нот глумат покрај неа и Патинсон во филмот.
Режисерката Лин Ремзи е веќе добро познато име на фестивалот во Кан. Нејзиниот филм „Ratcatcher“ од 1999 година премиерно се претстави во категоријата „Un Certain Regard“, а подоцна ја освои наградата БАФТА за најдобро деби од британски сценарист, режисер или продуцент.
Ремзи се врати во Кан во 2002 година со филмот „Morvern Callar“, додека своето деби во натпреварувачката програма го имаше во 2011 година со филмот „We Need to Talk About Kevin“, во кој глуми Тилда Свинтон. Нејзиниот филм од 2017 година „You Were Never Really Here“ ги освои наградите за најдобро сценарио и најдобар глумец во Кан.
Џенифер Лоренс, која претходно го посети Кан како продуцентка на документарецот „Bread and Roses“, сега за прв пат се натпреварува за престижната Златна палма.
Од друга страна, Роберт Патинсон е веќе искусен учесник на фестивалот бидејќи неговите филмови „Good Time“, „Maps to the Stars“ и „The Lighthouse“ имаа премиери во Кан.