Аеродромот во Копенхаген, најпрометниот во регионот, повторно беше отворен во раните утрински часови, четири часа откако беше затворен поради прелетување на дронови. Властите тврдат дека станува збор за „демонстрација на вештини“ од страна на „вешт оператор“. Аеродромот во Осло, исто така, беше затворен неколку часа поради дрон.
Патниците на неколку аеродроми во Данска и Норвешка се соочија со неколкучасовни доцнења во воздушниот сообраќај откако дронови беа забележани во близина на аеродромите, што доведе до откажувања и пренасочувања на летови, објави РТС.
Полицијата вели дека зад инцидентот стои „вешт оператор“ и дека се чини дека станува збор за „демонстрација на вештини“.
„Полицијата започна интензивна истрага за да утврди за каков вид дронови станува збор“, рече заменик-комесарот на полицијата во Копенхаген, Јакоб Хансен.
Полицијата подоцна соопшти дека сè укажува дека „целта била да се демонстрира одредено ниво на техничка подготвеност и контрола“.
Аеродромот во Копенхаген соопшти дека доцнењата и откажувањата ќе продолжат и ги повика патниците да ги контактираат своите авиокомпании за дополнителни информации.
Footage published earlier tonight by Norwegian state media, claiming to show one of the large, unidentified drones that shutdown Copenhagen Airport in Denmark for several hours on Monday. pic.twitter.com/IeosEuRd7n
— OSINTdefender (@sentdefender) September 23, 2025
Аеродромот Осло во Норвешка исто така беше затворен на полноќ поради прелетување на дронови.
Сите летови беа пренасочени кон блиските аеродроми, а сообраќајот беше обновен по неколку часа.
Хансен рече дека данските и норвешките власти ќе работат заедно за да утврдат дали постои врска помеѓу двата инциденти.
На прашањето на новинарите дали дроновите можеби се од руско потекло, Хансен рече дека не може ниту да потврди ниту да негира тоа.
Порано во текот на денот, данската полиција соопшти дека два до три големи дронови биле видени во близина на аеродромот во Копенхаген.
Според FlightRadar24, околу 50 летови биле пренасочени кон алтернативни аеродроми.
Портпаролот на аеродромот рече дека полицијата работи на идентификување на дроновите, одбивајќи да даде дополнителни детали бидејќи, како што рече, истрагата е во тек.
Во објава на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски се осврна на „нарушувањето“ на воздушниот простор на НАТО во Копенхаген од страна на Русија на 22 септември, но не даде извор на информациите.