Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за буџетот на ЕУ за следната година, со кој вкупните обврски се околу 192,77 милијарди евра, а вкупните исплати околу 149,62 милијарди евра.
Како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, буџетот за следната година силно се фокусира на главните политички приоритети на ЕУ и се занимава со моментално тешкиот геополитички контекст.
Се додава дека 800,5 милиони евра останале достапни оваа година под плафонот на расходите на тековната повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година за да и се овозможи на ЕУ да одговори на непредвидените потреби.
Инфографикот што го објави Советот на ЕУ покажува дека во рамки на буџетот за соседството и светот утврдени се обврски во износ од 16,3 милијарди евра, а исплати во износ од 14,4 милијарди евра.
Обврските се законски обврзувачки ветувања за трошење пари за активности, чие спроведување трае неколку финансиски години.
Плаќањата ги покриваат трошоците кои произлегуваат од преземените обврски внесени во буџетот на ЕУ во текот на тековните или претходните финансиски години.
Европскиот парламент и Советот на ЕУ сега имаат 14 дена официјално да го потврдат постигнатиот договор.