📷 Дронови ја пробија руската одбрана и нанесоа штета од над 500 милиони долари – операцијата „Мрежа“, Украинците ја планирале повеќе од една година

од Марта Пешевска
44 прегледи

Според пишувањата на украинските медиуми, Украинската безбедносна служба спроведе успешна специјална операција длабоко на територијата на Русија, при што беа погодени најмалку четири воени објекти, меѓу кои и аеродроми со стратешко значење. Операцијата, именувана „Мрежа“, била планирана повеќе од година и пол, а нејзиното извршување претставува сериозен удар за руската армија. Според украинските медиуми, штетата се проценува на над 500 милиони американски долари.

Главна цел на нападите биле стратешки бомбардери и други значајни елементи на руската воена авијација. Во рамки на операцијата, украинските сили користеле камиони специјално опремени со панели за испорака на FPV-беспилотни летала. Овие камиони биле внесени длабоко во Русија – на неколку илјади километри од украинската територија. Откако дроновите биле позиционирани блиску до целите, по неколку дена биле активирани и насочени од далечина кон руските аеродроми.

На фотографиите објавени од украински воени блогери за првпат може да се видат специјалните панели во камионите, кои служеле како мобилни бази за FPV-дроновите. Операцијата „Мрежа“ ја затекна руската страна неподготвена – и разузнавачките служби и системите за воздушна одбрана не успеале да ја предвидат или спречат акцијата. Овој напад уште еднаш потврдува дека украинските сили имаат капацитет да нанесат значајни удари врз руската воена инфраструктура, дури и без директна употреба на западно вооружување.

Според воени аналитичари, ова е еден од најсложените и најуспешни напади извршени од украинска страна од почетокот на војната – софистициран, долгорочно планиран и со прецизен удар во срцето на руската воена моќ.

Слични содржини