📷 Украина се подготвува да мобилизира студенти, почнуваат протерувања на студенти над 25 години, инспекции на над 100 високообразовни институции“

од Марта Пешевска
231 прегледи

Во последните недели, инспектори од Министерството за образование и наука на Украина одат по училници, проверуваат списоци, документација и испитни резултати. Целта? Да утврдат дали мажите над 25 години, кои формално се водат како студенти, навистина одат на настава – или се запишани само за да избегнат мобилизација. Оваа пролет, како што најави заменик-министерот Михаило Виницки, ќе биде клучна: по завршувањето на семестарот, многумина ќе бидат избришани од студентските списоци. „Веќе е јасно дека многу од овие студенти ќе бидат исклучени врз основа на нивното непосетување и неуспех на испитите“, изјави Виницки за украинскиот медиум „Џеркало тижња“.

Контролите се вршат на над 100 универзитети низ земјата. Се проверува физичкото присуство на предавања, се разгледуваат испитните резултати и документацијата од факултетите. Идејата е да се утврди кој студира поради вистинска потреба, а кој се сокрил зад индексот за да не оди во армија.

Не се сите исти – има и посветени студенти

Иако многумина ќе се соочат со исклучување, Виницки посочува дека има и мажи кои искрено се посветени на образованието.

„Постојат и примерни студенти – луѓе кои ја разбираат важноста на учењето и се подготвени да придонесат во иднината на Украина. Тие се наш човечки капитал и сакаме да ги поддржиме“, додаде тој.

Помалку буџетски места за постдипломски студии

Во меѓувреме, државата најави намалување на бројот на буџетски места за постдипломски студии. Додека лани имало 7.000 вакви места, оваа година ќе има само околу 5.000.

Исклучувањето од факултет може да значи – мобилизација

За многумина, губењето на студентскиот статус ќе значи и нешто многу посериозно: можноста да бидат повикани во војска. Според украинските закони, мажите над 25 години кои повеќе не се запишани на студии, го губат правото на одложување од мобилизација.

Ова се случува во време кога бројките на мобилизирани мажи растат. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Русија месечно регрутира по 50 до 60 илјади волонтери. Од друга страна, Киев, според него, принудно регрутира околу 30.000 нови војници месечно, „како кучиња од улица“.

Ситуацијата станува сè посериозна, а универзитетите повеќе не можат да бидат засолниште за оние кои не сакаат да се соочат со реалноста.

Слични содржини