📷Германија: Автомобили и куќи извалкани со човечка крв и свастики

Германската јавност е шокирана од ужасен случај од градот Ханау, каде што речиси 50 автомобили, фасади на куќи и поштенски сандачиња биле извалкани со човечка крв преку ноќ, во некои случаи во форма на свастики.

од Vladimir Zorba
23 прегледи Фото: Х

Германската јавност е шокирана од ужасен случај од градот Ханау, каде што речиси 50 автомобили, фасади на куќи и поштенски сандачиња биле извалкани со човечка крв преку ноќ, во некои случаи во форма на свастики.

Полицијата соопшти дека сè започнало кога еден маж пријавил доцна во среда навечер дека забележал црвеникава течност на хаубата на неговиот паркиран автомобил, со нацртана свастика на неа. За време на пребарувањето на областа, полицајците наишле на десетици слични случаи, објави Билд.

Според првите резултати од специјалниот тест, станува збор за човечка крв, но нејзиното потекло засега е непознато. Полицијата истакнува дека нема знаци на повредени лица во областа и дека мотивот и околностите на инцидентот се целосно нејасни. Покрената е истрага за оштетување на имот и употреба на симболи на забранети организации.

Ханау, град во сојузната покраина Хесен, е познат по терористичкиот напад во 2020 година, кога десничарскиот терорист Тобијас Ратјен уби девет лица во напад на барови, пред да ја убие својата мајка и потоа себеси.