Обожавателите на познатата актерка Гвинет Палтроу (52) останаа шокирани кога конечно со неа се појави нејзиниот сопруг Бред Фалчук (54), кого речиси никогаш не го гледаме во јавноста. Тој се „појави“ во една од нејзините објави на Инстаграм оваа недела и предизвика бурни реакции кај фановите.
Оскаровката и наградуваниот водител се во брак од 2018 година, а врската уследи по нејзиниот развод од фронтменот на Coldplay, Крис Мартин во 2014 година.
Палтроу многу ретко споделува фотографии или видеа со нејзиниот нов сопруг, а тие се обидуваат да ги задржат деталите за нивниот семеен живот во тајност. Меѓутоа, овој пат таа реши да направи исклучок и го најави Фалчук како специјален гостин во овонеделната епизода од нејзиниот популарен поткаст „ГУП“.
Во поткастот, тој ќе зборува за „тешкото патување“ низ кое поминале за да ги обединат своите семејства. Фалчук, исто како и Палтроу, има две деца од претходната врска.
Палтроу го започна заедничкото видео со претставување на својот сопруг пред нејзините 8,7 милиони следбеници додека тој срамежливо мавташе кон камерата.
„Правев посебен поткаст за тоа како е да се биде очув и маќеа, па го поканив Бред да ми се придружи“, продолжи актерката, а потоа ја сврте главата и го погледна Фалчук.
„И јас се согласив бидејќи таа побара“, рече Фалчук, на што Гвинет се насмеа. „Се надевам дека ќе уживате“, им порача актерката на своите следбеници.
Многумина останаа вчудоневидени кога го видоа Фалчук на социјалните мрежи со Палтроу, кој и покрај тоа што е познат ТВ писател, режисер и продуцент, во голема мера останува надвор од центарот на вниманието.
Најдобрата пријателка на актерката Џесика Сајнфелд, која е во брак со комичарот Џери Сајнфелд, се пошегува дека присуството на Фалчук на Инстаграм е толку ретко како „забележување на снежен леопард во дивината“.
„Да го гледаш Бред на интернет е како да гледаш снежен леопард во дивината“, бил нејзиниот коментар кој насмеал многумина.
Палтроу последен пат објави за нејзиниот сопруг на социјалните мрежи во чест на неговиот 54-ти роденден, 1-ви март. Таа тогаш го нарече „најдобриот дечко, сопруг и пријател на кој можела да се надева“.
Во коментарите се огласи и ќерката на Фалчук, Изабела, која ја имаше со поранешната сопруга Сузана Букиник (55). 20-годишната девојка напишала дека Палтроу била „најдобрата маќеа досега“ и оставила емоџи со срце.
Гвинет „свесно се раздели“ од Крис Мартин во 2014 година по десет години брак, кога нивната ќерка Епл имаше девет, а нивниот син Мозес осум. Таа започна да излегува со филмскиот и телевизискиот продуцент Бред подоцна истата година, откако се запознаа на снимањето на ТВ серијата „Glee“, која тој ја продуцираше и во која таа глуми. Тие се венчаа во 2018 година во Хемптонс.
Актерката претходно откри дека и биле потребни години и години за да изгради доверба со децата на Фалчук и дека сега длабоко жали што чекала толку долго пред да се пресели кај Бред по венчавката.
Таа исто така додаде дека се борела со тоа да го внесе Бред во животот на нејзините деца по разделбата со Крис Мартин.
„Она што им се случува на децата секој пат е нивниот татко да се најде во средината. Децата тешко ги разбираат и се прилагодуваат на овие ситуации, не сакаат да се ослободат од семејната динамика што ја имале, а потоа таткото е тој што се обидува да ги смири сите и да игра за двете страни“, рече таа еднаш, додавајќи дека уште потешко е жените да бидат во улога на маќеа, бидејќи маќеата сакаат да ги заменат мајките на децата.
Во последната епизода од поткастот, таа тврди дека всушност неговите деца, а не нејзините, и помогнале да разбере што значи да се биде мајка.
„Гледајќи наназад, поминавме низ навистина тешки работи. Лекциите што ме научија децата на Бред беа навистина важни за мене“, признала актерката, која е среќна што нивните семејства денес одлично функционираат заедно.