📸 Галетановски алармира: Птичји грип во ЗОО Скопје, вработените и посетителите да се проверат

од Илинка Илиоска
112 прегледи

Поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје, Ѓорѓи Галетановски алармира дека „смртоносна бактерија, птичји грип, е најдена во Зоолошката градина Скопје“ и дека посетителите се евакуирани, додека инспекторите веќе спроведуваат истраги.

Тој исто така упати јавна порака преку својот профил на Фејсбук, каде што ги замоли сите кои ја посетиле зоолошката во последните денови да се прегледаат, повикувајќи на претпазливост.

„Ги замолувам посетителите и колегите, сите што ја посетиле деновиве, да се проверат“, напиша тој на Фејсбук.

Во моментов, според изјави за „Локално“ од вработени во Зоолошката, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се веќе влезени, облечени во скафандери, и спроведуваат детални испитувања за да утврдат дали навистина се работи за опасен вирус како птичјиот грип.

Во последните неколку денови угинале десетина гуски, а сега започнало и уништување и на други птици.

ЗОО Скопје денеска под клуч: Инспектори од АХВ во скафандери прават испитувања за опасни вируси и бактерии

Локално се обиде да добие поточни информации од директорот на зоолошката градина и од АХВ, но засега нема официјални одговори од нивна страна.

Дополнително, некои од вработените апелираа јавно да не се крева паника бидејќи информациите се уште не се потврдени, бидејќи траат проверките и анализите од страна на здравствените и ветеринарните инспекции.

Инаку птичјиот грип, познат и како авијарна инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вируси кои главно ги напаѓаат птиците. Вирусот припаѓа на типот инфлуенца А, и може да варира од благ до многу сериозен, зависно од соевите. Некои соеви на птичји грип, како H5N1 и H7N9, се особено опасни за домашните птици и може да се пренесат на луѓето, што може да предизвика тешки респираторни инфекции и висока смртност кај заразените. Болеста обично се шири меѓу птиците преку директен контакт или преку контаминирани материи како храна, вода и измет. Поради ризикот од епидемии, птичјиот грип е под строг надзор од здравствените власти во повеќе земји.

И.И.

Слични содржини