Џоди Ли Ен Свитин (41) е американска актерка и телевизиска личност најпозната по улогата на Стефани Танер во хумористичната серија на ABC Full House и нејзиното продолжение на серија на Нетфликс.
Улогата на раздвижената и разговорна Стефани во серијата ја одбележа кариерата на 41-годишната актерка денес. Таа почнала да глуми во серијата на петгодишна возраст и веднаш станала ѕвезда. Во интервјуата таа никогаш не спомна дека нејзините биолошки родители се во затвор и дека ја посвоил нејзиниот вујко. Тој ја советувал да не зборува за тоа, за да не создаде слика во јавноста дека нејзините посвоители ја принудиле да заработува преку актерството.
Во серијата глумеше до својата 13-та година. Крајот на снимањето ѝ бил тежок, набрзо паднала во депресија и по оваа улога не снимила некоја позначајна. Потоа започнале нејзините проблеми со дрогата и алкохолот и во следните 15 години редовно земала кокаин и екстази. Во книгата што ја напишала признала дека почнала да се дрогира бидејќи ѝ било досадно.
Ниту нејзиниот љубовен живот не поминал подобро и таа лутала од брак во брак. Зад себе има три брака, а за првпат се омажила на 20 години со полицаецот Шон Холгуин. Коди Херпин беше нејзиниот втор сопруг со кој ја има ќерката Зои. Нејзиниот трет сопруг беше Морти Којл, со кој ја има ќерката Беатрикс.
Таа била верена и со Џастин Ходак, кој, како и Џоди, бил зависник кој се опоравувал.
Џоди многупати била на клиниките за лекување на зависности, а сега, како што вели, со години е чиста и си ветила дека никогаш нема да им се врати на пороците. Таа сфатила дека нејзините ќерки се најважни и дека мора да остане чиста за нив.