Неодамна беше објавена листата на најмоќните жени во светот, која традиционално ја објавува „Форбс“. Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија и оваа година го зазеде првото место.
На престижната листа се наоѓаат истакнати жени во сите области на активност, од политиката и претприемништвото до светот на забавата, па затоа не е чудно што своето место го пронајдоа и претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, потпретседателката на САД Камала Харис, американските пејачки Тејлор Свифт, Бијонсе и Ријана.
Сепак, едно име е изненадување, особено затоа што се работи за измислена личност!
Нејзиното влијание беше толку раширено и значајно, оваа година, што таа беше рангирана на 100-тото место на листата на „Форбс“. Нејзиното име е Барби.
Можеби е кукла, но со текот на времето стана многу повеќе од тоа. Нејзиното влијание особено се прошири по хит филмот во режија на Грета Гервиг, во кој главната улога ја толкува убавата Маргот Роби.
Благодарение на магијата на Холивуд, Барби стана симбол на женското зајакнување и неопходноста од борба за враќање на правата кои се одземени, пишува „Форбс“.
„Таа ги инспирираше девојките и нивните мајки со генерации, но 2023 година беше година кога најмногу недостасуваше инспирација. По 65 години постоење, Барби е на врвот на својата моќ“, се наведува.
По глобалниот успех на филмот „Барби“, скокна и продажбата на куклите. Во третиот квартал е забележан скок од 16 отсто во однос на истиот период во 2022 година.
Барби владее и со социјалните мрежи и може да се пофали со повеќе од пет милиони следбеници на TikTok и Instagram или 12 милиони претплатници на платформата YouTube.
Директорката на брендот во компанијата за играчки Mattel, Лиза Мекнајт, истакнува дека Барби е „сила на која треба да се смета“.