Амбасадата на Шведска информира дека во раните утрински часови уште двајца повредени во пожарот во Кочани се транспортирани во Универзитетската болница Каролинска во Стокхолм за понатамошен медицински третман.
„Синоќа во 03:30 часот, летот за медицинска евакуација од тим од Универзитетската болница Каролинска полета од Скопје, носејќи уште двајца пациенти во Стокхолм на медицински третман. Шведска се солидаризира со Северна Македонија по трагичниот пожар викендов. Нашите мисли остануваат со сите погодени“, се вели во објавата на амбасадата на Фејсбук.
Во моментов, во Шведска се лекуваат четворица повредени од катастрофалниот пожар во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а 176 беа повредени.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија објави телефонски броеви за контакт 24/7 за семејствата на повредените македонски државјани. За Шведска, дежурните броеви се: +46 701844605 и +46 768792019.