Холивудскиот актер Харисон Форд уште еднаш докажа дека годините не му се пречка. Познатиот 82-годишен актер ја изненади целата екипа на серијата „Shrinking“ инсистирајќи да снима сцена со бричење без маица на себе.
Бил Лоренс, еден од креаторите на серијата „Shrinking“ откри интересна анегдота од снимањето. „Кога дојде сцената со бричење, тој ми се јави и ми рече: „Не го снимам ова“. Потоа додаде: „Ако се избричам, морам да бидам без маица“. Се согласив, а тој само побара: „Дајте ми 10 минути да правам склекови“, се присети Лоренс.
Форд, кој се придржува до строга диета базирана на риба и зеленчук, покажа завидна форма која ја импресионираше целата екипа. Актерот е особено горд на својот ангажман во серијата „Shrinking“, нарекувајќи ја „најдобрата работа што некогаш ја завршил“.
„Живеам половина час од сетот. Спијам во мојот кревет, во истиот град сум со мојата сопруга и децата и работам на навистина паметен и интелигентен проект со неверојатно талентирани луѓе“, рече Форд за време на еден настан.
Серијата веќе доби зелено светло за трета сезона, а Форд наскоро ќе може да се види и во втората сезона на „1923“, спин-оф на популарната серија „Yellowstone“, која започнува да се емитува на 23-ти февруари на платформата Paramount+.