И јапонскиот Isuzu се приклучува на трендот на целосно електрични пикап камиони, со најава за нов модел кој моментално е прикажан во форма на D-Max EV Concept.
Пикапот има погон на четири тркала и два електромотори со вкупно 177 КС и 325 Nm. Капацитетот на литиум-јонската батерија е 66,9 kWh, а досегот се очекува да биде околу 300 km.
Пикапот ќе може да носи до еден тон товар, да влече приколка до 3,5 тони, додека максималната брзина „надминува 130 km/h“.

Електричниот пикап ќе се произведува во Тајланд, иако неговата продажба ќе започне на европските пазари. Поточно, Isuzu очекува да започне со продажба на електрични пикапи во некои европски земји (како Норвешка) во 2025 година, а подоцна и во Австралија и Тајланд.
Официјалната потврда за електричниот пикап дојде минатата година од Шинсуке Минами, претседател и главен оперативен директор на Isuzu.
„Isuzu активно прави напори да реализира општество без јаглерод. Во иднина, Isuzu планира да произведе пикап BEV (Battery Electric Vehicle) во Тајланд. Isuzu ќе го воведе прво во Европа, а потоа ќе го испита неговото постепено воведување за да ги задоволи потребите на секој пазар, вклучувајќи го и Тајланд“, кажа, своевремено, Минами.