Претприемачот Мате Римац го претстави роботаксито со име „Verne“ и целиот екосистем на урбана мобилност и сите функционалности на идната услуга што ќе пристигне во Загреб.
Откриен е и дизајнот на возилото, именувано по познатиот писател Жил Верн, кој го замислувал потенцијалот на човештвото за време на неговите патувања. Според основачот, „Verne“ целосно ќе го трансформира начинот на превоз во градот.
Екосистемот на оваа услуга се заснова на три клучни елементи: автономно електрично возило, корисничка апликација и специјализирана инфраструктура. Во секој град ќе има т.н „Mothership“, односно местото каде што возилата на „Verne“ ќе се прегледуваат, одржуваат, чистат и полнат.
Она што е интересно е фактот дека „Verne“ ќе биде двосед бидејќи, како што тврдат основачите, во 9 од 10 возења возилото го користат едно или две лица. Лизгачките врати ќе им овозможат на корисниците полесно да влегуваат, а од компанијата наведуваат дека ќе има повеќе простор отколку во Rolls Royce.
Внатре ќе ги пречека внатрешност налик на дневна соба со екран од 43 инчи кој ќе биде за забава, но и за информирање. Римац нагласи дека сакаат корисникот да има услуга која досега беше резервирана само за богатите – удобно и пространо возило со безбеден возач.
Што се однесува до самото возило, тоа е изградено на целосно нова платформа и нема волан, ниту педали за гас и сопирачки бидејќи е наменет исклучиво за автономно возење.
„Verne“ го гради својот прв производствен погон за автономни електрични возила во Загреб, кои потоа ќе се користат низ целиот свет.
Првата услуга ќе биде лансирана во Загреб во 2026 година.