📸Пекол на земјата – луксузни вили претворени во прав и пепел

од Весна Петровска
38 прегледи

Страшен пожар го зафати Кипар во близина на една од најпопуларните туристички дестинации – две лица изгореа до смрт во својот автомобил додека се обидуваа да избегаат, а луксузните вили беа претворени во пепел.

Најмалку 100 квадратни километри беа уништени во винскиот регион северно од градот Лимасол, во близина на популарните туристички места, откако пожарот избувна околу пладне во среда, пишуваат локалните медиуми.

На снимките се гледаат луксузни куќи целосно изгорени додека пламените јазици сè уште беснеат во регионот. Дрвјата пред куќите беа изгорени и деформирани од огнот.

Се верува дека пожарот започнал на две точки оддалечени околу 100 метри, во областа под мостот каде што се наоѓа депонијата. Локалната полиција ја истражува причината за пожарот, а се сомнева дека станува збор за подметнат пожар.

Во меѓувреме, беше потврдено дека две лица загинале изгорени во  автомобил. Локалните медиуми јавуваат дека станува збор за повозрасен  пар кој се обидувал да избега, но тие сè уште не се официјално идентификувани.

Најмалку 10 лица се повредени, од кои две потешко, соопшти полицијата, додека повеќе луѓе се водат како исчезнати, а во тек е масовна евакуација.

Пожарот на Кипар се случува во услови на екстремен топлотен бран, при што метеоролозите предвидуваат температури до 45 степени Целзиусови, што би можел да биде најжешкиот ден во годината на островот.