Mercedes-Benz значително инвестираше во американската компанија Apptronik, позната по развојот на хуманоидни роботи, за да ги подобри своите производствени процеси.
Во моментов, роботите на Apptronik наречени Apollo се тестираат во фабриките во Берлин (Германија) и Кечкемет (Унгарија), со цел да се автоматизираат повторливите и физички тешки задачи.
Роботите Apollo, високи 173 сантиметри и тешки 73 килограми, можат да носат товар до 25 килограми. Нивните примарни задачи вклучуваат преместување на компонентите на производствената линија и вршење првични проверки на квалитетот на деловите. Овие роботи се обучуваат преку телеоперација и проширена реалност, што им овозможува да научат конкретни задачи кои подоцна можат да ги извршуваат автономно. Доколку им снема струја, можат сами да се приклучат на полначот и да се полнат, пишува Index.
Воведувањето на хуманоидни роботи како Apollo му овозможува на Mercedes-Benz да ги автоматизира задачите кои се повторуваат или се опасни, особено во областите каде што има недостиг на работна сила. Технологијата им овозможува на вработените да се фокусираат на посложени и креативни задачи, додека роботите преземаат физички потешки работи.
Иако роботите Apollo моментално се во фаза на тестирање, Mercedes-Benz планира во иднина да ја прошири нивната примена и на други производствени локации, во зависност од резултатите од тековните тестирања.