Со емотивни и потресни статуси, естрадните уметници во земјава се простуваат од своите колеги кои настрадаа во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Фолк пејачот Спасен Силјаноски објави фотографија од опожарениот диско клуб во Кочани и напиша трогателен статус.
– Оваа слика е одраз на состојбата во државата. Оваа слика е одраз на мито, корупција, криминал, себичност, бездушност, нечовечност… Не ни треба непријател додека живееме во таков корумпиран систем, се испоубивме самите за проклети пари, напиша тој на својот профил на Фејсбук.
По таа објава, тој му посвети и емотивни зборови на Андреј Ѓоргиески од дуото ДНК, кој исто така го загуби животот со уште шест негови колеги од бендот.
– Ми се јави на телефон и ми рече: „Брате Спасен, чувај ми маса ќе дојдам вечер кај тебе на свирка…“. Јас му одговорив: „Брате, нема да ти се допадне тоа што го бараш. Ти си урбан човек, а јас сум народњак. „Не, брате Спасен, слични сме, и двајцата чекоревме по истиот трнлив пат до успехот. „Ти од Кичево, а јас од Дебар, мора да се држиме заедно и да си помагаме“, ми напиша. Така беше, вечерта се појави во ресторанот, го замолив да ни отпее нешто од неговиот репертоар. Без двоумење го зеде микрофонот и ги крена сите на нозе. Тоа беше Андреј. Човек во вистинска смисла на зборот. Пријател, искрен, чесен, патриот, хуманитарец. Беше херој и си замина како херој, напиша Спасен и објави видео од моментот кога Андреј пеел во кафеана на неговиот настап.
Да потсетиме дека Андреј од групата ДНК, загина додека се обидувал да спаси други од запалената дискотека. Иако првично излегол, се вратил во неа и никогаш не излегол. Според неговите пријатели, тој последен пат бил виден како се враќа во пожарот за да ги спаси младите гости. Врз него се урнал дел од таванот и го заробил заедно со десетици други посетители.