📽📸Огромна плоча откриена во древен град на Маите

од Vladimir Zorba
966 прегледи

Археолози открија вистинско историско богатство длабоко во мексиканската џунгла. Во античкиот, одамна напуштен град на Маите наречен Коба, во близина на пирамидата Нохоч Мул, пронашле огромна камена плоча на која имало натпис со дури 123 глифи, односно идеографи.

Според прелиминарната анализа, глифите најмногу се однесуваат на датумот на основањето на градот Кех Виц Нал (Планината на елените) – 12 мај 569 година. Тие го спомнуваат и претходно непознатиот владетел на Маите, К’авил Чак Чеен. Други идеографи се однесуваат на боговите за кои античките Маи верувале дека го основале Коба; вклучувајќи го и Болон Цакаб Ајав – господар на безброј генерации.

Некогаш величествениот, но сега разурнат град Коба се наоѓа во државата Кинтана Ру на источната страна на полуостровот Јукатан. Маите веројатно го изградиле во 50 п.н.е. и бил постојано населен повеќе од 1.500 години. За време на неговиот врв, во градот живееле околу 50.000 луѓе, пишува Science Alert.

Денес тој е еден од ретките археолошки локалитети кои сè уште го носат своето име на Маите, Коба; што значи „немирни води“. Тој е полн со гравури и скулптури кои раскажуваат за животот на древните Маи. Археолозите пронајдоа камена плоча на дното на поранешниот базен. Таа е 11 метри квадратни.

Досега се идентификувани 14 владетели на Коба, меѓу кои и три жени, од кои една владеела дури 40 години. Многу од овие владетели го носеле името K’awiil по богот на молњите на Маите.

Слични содржини