Норвешка гради еден од најдолгите и најдлабоките подводни тунели во светот, еден од најамбициозните инженерски проекти во Европа, кој се очекува да ја подобри транспортната поврзаност.
Тунелот Рогаланд или Рогфаст ќе биде долг 26,7 километри, а најдлабоката точка ќе биде на 390 метри. Кога ќе се изгради, што треба да биде летото 2033 година, времето на патување меѓу двата поголеми града во Норвешка, Ставангер и Берген, ќе се намали за 40 минути. Тунелот ќе биде дел од главниот европски автопат Е39, чија траса, исто така, минува долж западниот брег на Норвешка.
Со поврзување на градовите како Кристијансанд, Ставангер и Хаугесунд, нема да има потреба од превоз со траект.
„Ставангер е четврти по големина град во Норвешка, а Берген е втор по големина, така што се надеваме дека времето на патување ќе биде скратено и за работниците кои патуваат во Ставангер или Берген секој ден“, рече Одвар Каармо, проект менаџер во Рогаланд во Норвешката управа за јавни патишта.
Една од клучните карактеристики
Една од клучните карактеристики на овој проект ќе биде точката на поврзување на островот Квицој, кој е најмалата општина во земјата, со главниот тунел со две ленти во двете насоки. Таа клучна точка се всушност два кружни текови кои ќе бидат 260 метри под нивото на морето. Сепак, како што истакна Каармо, тие и порано граделе кружни текови во тунели, но не вака во овој проект.
Тие два кружни текови под споменатиот остров ќе овозможат сообраќај кога едната коловозна лента е затворена.
„Ако нешто се случи и мораме да затвориме дел од тунелот, сепак ќе можеме да користиме една тунелска цевка“, додава Каармо.
Структурата со две цевки е исто така безбедносно решение.
„Ако камионот се запали пред вас и не можете да се свртите и да се оддалечите, можете само да ја побарате излезната врата и ќе можете да отидете до другата цевка од тунелот. Видео надзорот ќе ни овозможи точно да знаеме каде сте, да дојдеме и да ве извлечеме“, посочи Каармо.
Норвешко искуство во изградба на тунели
Изградбата на овој тунел, која се одвива етапно, ќе чини 25 милијарди норвешки круни. Работите започнаа во 2018 година, а половина од тунелот беше изграден.
„Во Норвешка, ние градиме тунели прилично евтино ако го споредите со мост, на пример. Имаме 40 подводни патни тунели и сме запознаени со градежништвото. Така, обично е полесно и поевтино да се изгради подводен патен тунел отколку мост“, тврди Каармо.
Властите проценуваат дека до 2053 година ќе има 13.000 дневни патувања низ новиот тунел, пишува Euronews.