Точно една недела пред 113-годишнината од потонувањето на Титаник, пристигнаа детални 3D снимки од потонатиот брод, кои преку научна анализа ги откриваат околностите на последните часови од трагедијата во која животот го загубија повеќе од 1.500 луѓе.
Точната 3D реплика ја покажува силата со која бродот бил поделен на половина додека потонал по судир со санта мраз и дава нов поглед на котларата, која претходно не била достапна за јавноста.
Снимката го потврдува она што го кажале преживеаните, дека инженерите работеле до последен момент за да ги задржат светлата на бродот вклучени, јавува Би-Би-Си.
Компјутерски симулации, исто така, сугерираат дека бродот потонал поради пукнатини на трупот со големина на лист хартија.
„Титаник е последниот преживеан сведок на катастрофата, но сепак има приказни за раскажување“, изјави за Би-Би-Си истражувачот на Титаник, Паркс Стивенсон.
Снимката е снимена како дел од новиот документарен филм на National Geographic и Atlantic Productions наречен „Titanic: The Digital Resurrection“.
Потонатиот брод, кој се наоѓа на длабочина од 3.800 метри во ледените води на Атлантикот, е мапиран со помош на подводни роботи, а користени се повеќе од 700.000 фотографии од сите можни агли.