Додека граѓаните се собираат во центарот на Белград и се подготвуваат за голем протест, српскиот претседател Александар Вучиќ утрово го обиколи градилиштето на настанот „Експо“ во Сурчин.
„Луѓето сонуваат различни соништа. Сакам Србија која се гради, Србија која напредува, Србија која победува. Србија ќе победи денес и секогаш“, рече Вучиќ во видео-објавата на Инстаграм.
„Јас сум на градилиштето на Експо, овде има повеќе од 1.800 работници. Експо е од мојата десна страна, а зад мене е станбен комплекс, стотици камиони и илјадници луѓе кои напорно работат и ја градат нашата Србија“, истакна Вучиќ.
Тој изјави дека луѓето имаат различни соништа и дека некои сонуваат да урнат нешто, и некого, а други да градат. Тој се осврна и на денешниот протест, иако експлицитно не го спомена.
„Верувам дека поголемиот дел од Србија сака да изгради подобра и поуспешна Србија. Убеден сум дека ќе ги издржиме сите притисоци, сите напади денес и верувам дека ќе ги зачуваме мирот и стабилноста, а потоа ќе градиме и ќе победиме во иднина, како што ја издигнавме Србија од пепел пред 13 години, така ќе ја издигнеме Србија на незамисливи височини и ќе бидеме најбрзо растечка економија во Европа. Србија не смее да запре, да живее Србија“, рече Вучиќ.