Додека ги анализирате знаците на лоша комуникација, не осудувајте се себе си или вашиот партнер. Колку сте пообјективни, толку подобри резултати ќе добиете, а исто така можете да земете пенкало и хартија и да напишете примери за слаба комуникација што ги забележувате и во вашата врска. Означете ја сериозноста на проблемот на скала од 1-10, а потоа пристапувајте заедно кон решавање на проблемот, советува психологот Карла Мари Мани, која состави список од 10 знаци дека имате проблеми со комуникацијата во љубовната врска.
1. Некој мора да победи
Ако забележите дека вие или вашиот партнер се фокусирате на победа и дека сте секогаш во право, вие сте на погрешен пат. Здравата комуникација е соработка и има простор за обете перспективи.
Не помага: „Толку си ирационален, едноставно не си во право“.
Помага: „Твојата перспектива е различна од мојата. Би сакала да знам повеќе за твоето мислење за да можеме подобро да се разбереме“.
2. Срам и обвинување
Кога едниот партнер ќе добие навика да го посрамоти или обвинува другиот, врската секако нема иднина. Наместо тоа, фокусирајте се на проблемот наместо да го напаѓате оној што ја направил грешката.
Не помага: „Доцниме со сметките повторно. Да беше попаметен, ќе имаше подобра работа и немаше да бидеме во оваа ситуација“.
Помага: „Доцниме со плаќање сметки. Ајде да седнеме заедно за викендот за да можеме да направиме план за исплата на долгот. Со малку тимска работа, знам дека можеме да ги вратиме нашите финансии на вистинскиот пат“.
3. Критика наместо конструктивен разговор
Иако многумина се чувствителни кога ќе им кажуваат како треба да направат нешто, скоро никој не сака критики. Разликата помеѓу обичната и конструктивната критика може да биде суптилна, па затоа треба да се обидете да бидете што е можно попозитивни кога сакате некому да му укажете нешто.
Не помага: „Ти си целосно себичен и несовесен. Не ти паѓа на памет дека треба да ме известиш кога ќе доцниш“.
Помага: „Разбирам дека сообраќајот може да биде непредвидлив, но ме боли кога не ми даваш до знаење дека ќе доцниш. Јас навистина би го ценела тоа ако ми испратиш порака кога знаеш дека ќе доцниш“.
4. Нема контакт со очите и говор на тело
Понекогаш можеме да кажеме многу од говорот на телото. Лесно е да запаѓате во негативни навики додека разговарате со партнерот. Од превртување на очите, до вкрстување на рацете и напуштање на сред разговор, негативниот говор на телото сигнализира непочитување. Таквите суптилни и помалку суптилни однесувања се пасивно-агресивни обиди да се контролира разговорот на негативен начин.
Добрите комуникатори се фокусираат на соговорникот, остваруваат контакт со очите и се физички опуштени за време на разговорот.
Не помага: „Зошто вртам со очите? Затоа што си целосно ирационален“.
Помага: „Се чувствувам многу поврзано со тебе кога ме држиш за рака и навистина ме гледаш додека разговараме. Се чувствувам видено, ценето и дека ме разбираш“.
5. „Мултитаскинг“ не помага
Ако постојано правите нешто друго додека разговарате со вашиот партнер, резултатот е фрагментирано внимание, а тоа доведува до недоразбирање и повредени чувства. Исто така, му испраќа порака на партнерот дека сè друго е поважно од привлекувањето на вашето неподелено внимание.
Не помага: „Што не е во ред со тебе? Не може ли да ми дозволиш да правам други работи додека зборуваш?“
Помага: „Ти си мојот приоритет и она што го велиш е важно. Дозволи ми да го завршам тоа што го работам за да можам да се концентрирам на разговорот“.
6. Користите гнев, пасивно-агресивна и пасивна тактика
Кога ваквото однесување е норма, позитивната комуникација е скоро невозможна. Лутите коментари и напади се знак на неволја, а не помагаат ниту пасивно-агресивните саркастични коментари и шеги. Исто така, пасивното однесување, кога не ја зборувате вистината за она што го чувствувате или едноставно молчите, спречува здрава комуникација.
Не помага: „Ти не си нормален. Дали навистина мислиш дека си добар партнер? Зошто едноставно не си одиш?“
Помага: „Навистина ме нервира кога не го прифаќаш моето мислење. Ми треба пауза за да се смирам, одам на кратка прошетка и ќе продолжиме кога ќе се вратам“.
7. Упадите се нормални
Прекинувањето на друг испраќа порака дека она што некој го зборува не е важно или не е точно. Ако вакво нешто стане хронично, тоа води само до фрустрација и незадоволство.
Не помага: „Запри! Ова што го кажуваш воопшто не е точно! Дозволи ми да ти кажам како беше“.
Помага: „Слушнав сè што сакаше да кажеш. Дали има нешто друго што сакаш да го додадеш? Сакам да се осигурам дека ќе завршиш пред да ти кажам што мислам“.
8. Несогласувањето прераснува во кавга
Не е нормално да се согласувате за сè со вашиот партнер и тоа е дел од здрава врска, но само ако можете да зборувате за тоа без да се расправате. Кавгата создава „воена“ атмосфера и гневот и незадоволството цветаат и ретко кавгата има позитивен крај.
Дискутирањето за различни мислења, пак, може да помогне на парот да ја подобри врската затоа што и двајцата ќе се чувствуваат безбедно во искажувањето на своето мислење, без страв дека тоа ќе прерасне во расправија.
Не помага: „Ти секогаш бараш нешто. Ако не е нов автомобил или твоето најново хоби, сакаш да патуваш некаде. Сега сакаш целосно да го средиш дворот. Кога е доволно?“
Помага: „Реновирањето на дворот во моментов ми делува стресно. Со оглед на финансиите ќе биде тешко за нас да го сториме тоа оваа година. Што мислиш, да одложиме за следната пролет? Дотогаш, можеме да заштедиме и да сториме сè како што треба. Што мислиш за тоа?“
9. Технологијата ве одвлекува од разговор лице в лице
Ако претпочитате да гледате разни екрани наместо да комуницирате и да се поврзете со партнерот, тоа е знак дека нешто не е во ред. Интимната комуникација е вештина и бара вежбање.
Не помага: Ако го дадете целото време на вашата работа и лични интереси и оставате малку енергија за комуникација со вашиот партнер.
Помага: Одвојување на време секој ден за разговор со вашиот партнер. Без разлика дали одите на прошетка, пиете кафе или вечерате заедно, комуникацијата и вашата врска ќе напредуваат.
10. „Зад аголот“ демнат незадоволство и стари проблеми
Ако партнерите ги „голтаат“ проблемите наместо да ги решаваат, проблемот е „зад аголот“. Некои луѓе дури и се сеќаваат на работите само за да можат да ги користат подоцна во кавги, а некои не сакаат да ги решаваат проблемите затоа што тогаш можат да бидат пасивно-агресивни. Други се надеваат дека проблемите ќе исчезнат сами …
Некои помали проблеми навистина можат да исчезнат дури и ако не се споменуваат, но кога ќе се појави незадоволство или сериозна иритација и никој не сака да се справи со тоа, тоа е знак дека одите кон раскинување.
Не помага: „Нема да ти простам. Не ми е гајле дали се извини. Сакам да плаќаш цел живот за она што го стори“.
Помага: „Јас сум повредена и мислам дека треба да влеземе во коренот на она што се случи. Се плашам дека ќе ме повредиш повторно на ист начин и важно ми е навистина да преземеш одговорност за она што се случи. Мислам дека ќе ни користи и на двајцата ако сакаме појасно да ги видиме работите и да се разбереме. Тогаш можеме да започнеме одново“.
Бидете трпеливи со обиди за здрава комуникација, но и упорни, наскоро ќе видите позитивни резултати, пишува МБГ.