100.000 улични светилки во Хрватска стануваат полначи за електрични возила

од Stefanija Kuzmanovska
324 прегледи

Хрватското здружение „Струјни круг“ планира да инсталира 100.000 полначи за електрични возила во таа земја до 2026 година, со тоа што ќе ги инсталира на столбовите за јавно осветлување. Проектот би се реализирал во соработка со градовите, а за ова решение не недостасува интерес ниту кај компаниите.

Хрвоје Прпиќ, претседател на здружението „Струјни кругови“, вели дека дури 30 проценти од возачите на електрични возила во Хрватска немаат можност да ги полнат своите возила преку ноќ. Затоа ги чуваат на јавни и градски паркинзи, наведува тој и додава дека бројот на полначи ќе расте со натамошното проширување на употребата на електрични возила, пишува „Јутарњи лист“.

– Во Лондон, тие се справија со овој проблем со инсталирање на инфраструктура за полнење на столбовите за јавно осветлување, а нашето здружение е посветено на примена на слично решение во Хрватска, така што веќе започнавме со изработка на план – наведува тој.

Прпиќ објаснува дека британската компанија Ubitricity, со цел да ги реши проблемите на сопствениците на е-возила кои ги оставаат своите автомобили на улица преку ноќ, започна проект за поставување полначи на столбовите за јавно осветлување и дека досега има инсталирано 5.000 полначи на улиците на Лондон. Тој додава дека ова решение е погодно и за Хрватска.

Според него, за кратко време „Ubitricity“ стана најголемиот снабдувач на услуги за полнење електрични возила во Велика Британија, а во јануари го презеде нафтениот гигант „Shell“ и продолжи да ги развива своите услуги. Здружението „Струјни кругови“, вели тој, не планира да инсталира полначи, туку да го организира целиот проект.

– Здружението „Струјни кругови“ во моментов брои повеќе од 300 члена, од кои околу 50 се компании – вели Прпиќ, наведувајќи дека има голем број компании заинтересирани да бидат вклучени во овој бизнис. Изборот на локации каде што се планира да се инсталира полначот, целосно ќе остане на градовите.

Слични содржини